Бошњаковски: Наскоро одлука за преименување на аеродромот и автопатот

Со одлука на Владата која треба да биде донесена наскоро ќе се изврши преименувањето на скопскиот аеродром и на автопатот, што беше најавено по средбата на премиерот Зоран Заев со неговиот грчки колега Алексис Ципрас во Давос.

– Ќе треба да се донесе одлука на Влада и тоа ќе се случи во наредниот период, наскоро, рече Бошњаковски, не прецизирајќи време.

Заев во Давос најави дека во знак на добра волја и затоплување на односите со Грција, Македонија ќе ги промени имињата на аеродромот и меѓународниот автопат кој ќе се именува „Пријателство”.

Прашан за очекувањата од средбата со медијаторот Метју Нимиц, кој по посетата на Атина, од денеска е во Скопје на средби со македонскиот државен врв, владиниот портпарол повтори дека сега е вистинското време да се изнајде решение и оти постои и политичка волја и градење  на односи со Грција кои се на едно повисоко ниво од се што било досега во  претходните години. Дополнителни информации, како што рече, ќе бидат објавени по средбата со Нимиц, кој исто така ќе даде изјава.

На новинарско прашање дали македонската Влада била известена за планот на Грција, Бошњаковски наведе дека заемно течат сите работи.

– Разговорите се водат под медијаторство на Метју Нимиц во рамки на ООН. Во таа рамка се водат и директни средби  помеѓу министерствата за надворешни  работи, потоа се крена еден степен погоре на ниво  на премиери. Разговорите, преговорите се водат така што заемно ги работиме сите работи, рече Бошњаковски.

Во однос на тоа дали од Владата има иницијатива за пополнување на испразнетите места во Државата изборна комисија, со оглед на информациите за одржување референдум, Бошњаковски рече дека кога и  да има значителен исчекор кој ќе води кон референдум државата има  доволно капацитет да одговори содветно и  оти сите институции ќе го дадат максимумот во рамки на законската регулатива.

На темата референдум, според Бошњаковски, моментно нема разговори меѓу премиерот Зоран Заев и коалицискиот партнер од ДУИ Али Ахмети.

– Референдум треба да има, самиот процес е во тек, а разговори во моментов на оваа тема нема, наведе Бошњаковски.