Во понеделник и вторник во Скопје ќе се одржи Четвртиот министерски форум за културна соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, на кој ќе се обратат премиерот Зоран Заев и министерот за култура Хусни Исмаили.
На главниот панел на собирот, чии домаќини се Министерството за култура и Координативниот центар за културна соработка меѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, се предвидени тематски излагања на шефовите на делегациите присутни на Форумот.
На Форумот ќе учествуваат министри за култура и високи функционери од земјите членки во Процесот „17+1“, меѓу кои и кинескиот министер за култура и туризам Луо Шуганг, кој во Скопје доаѓа со неколкучлена делегација.
Како што соопшти Министерството за култура на Министерскиот форум ќе биде донесена и Декларација за идната културна соработка на земјите учеснички во Процесот „17+1“, која содржи и План за соработка во културата за следните две години, со кој ќе се направи крупен чекор кон трасирањето на уште подинамична соработка. Планот за соработка опфаќа активности во областа на културните и креативните индустрии, културното наследство, филмот и дистрибуцијата на филмови, униите на библиотеки, како и составување на симфониски оркестар од 18 земји членки во Процесот „17+1“.
Во областа на културата досега се одржани три форуми за културна соработка меѓу Кина и земјите на ЦИЕ на министерско ниво – првиот и третиот во Кина, а вториот во Софија. На Третиот министерски форум беше усвоен и потпишан Меморандумот за разбирање меѓу министерствата за култура на земјите од ЦИЕ и Кина за воспоставување Координативен центар за културна соработка со седиште во земјава.
Со одржувањето на Четвртиот министерски форум, Република Северна Македонија дава значаен придонес во зацврстувањето на културната соработка меѓу Народна Република Кина и земјите од Централна и Источна Европа на билатерално и на мултилатерално ниво, се додава во соопштението на Министерството за култура.