Цветан Трипуновски: Дали властите ги злоупотребуваат институциите за прогон на политички неистомисленици?

Дали Зоран Заев и фамилијата ги злоупотребуваат институциите во прогон на политички неистомисленици? Како што предупредив пред два дена, поднесена е неоснована и неаргументирана кривична пријава против мене, надвор од секоја правна логика.

Дали Заев и фамилијата оделе по логиката да ме вклучат во кривична постапка без разлика дали има основа или не?

Ме вклучуваат во случај во кој јас не сум имал, ниту сум можел да имам било какво влијание или поврзаност. Ми се става на товар, наводно не овозможување на инспекциски надзор врз спорното земјиште.

Во конкретниот случај, каде што е раскинат договорот за закуп, Инспекторатот за земјоделство нема надлежност и увид врз државното земјоделско земјиште. Согласно чл.56 од Законот за земјоделско земјиште надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши МЗШВ, а инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши ДИЗ. За земјиште за кое се раскинати договорите надлежност има МЗШВ.

Потенцирам дека во периодот додека сум бил директор на Инспекторатот од страна на министерството не е стигната иницијатива или било каков допис  за надзор над спорното земјиште, ниту пак имало дојава на бесплатниот телефонски број во Инспекторатот  или пак било какво известување од министерството како договорна страна за земјиштето кое било предмет на спорните договори. Доколку имало такво нешто ве уверувам дека ДИЗ ќе постапува по службена должност.

Надлежност на инспекторатот е да прави редовни и вонредни инспекциски контроли врз актуелните корисници на државно земјоделско земјиште, како и да постапува по пријава, допрен глас или допис од МЗШВ, ниту еден од овие услови не бил исполнет, а јас ниту сум знаел, ниту сум можел да знам дека има земјиште кое се води како државно, кое не е под закуп, а се употребува. Орган кој требало да поведе иницијатива е самото министерство за земјоделство, кој има ингеренција и обврска и истото да го стави и на јавен оглас за доделување под закуп.

Оттука моето вклучување во било каква пријава во однос на конкретниот случај е без било какви аргументи, и е целосно неосновано, и има само за цел да ме замолчи.

Заев и Љупчо, нема да ме уплашите, ниту да ме поколебате. Останувам рамо до рамо со земјоделците, оние напатени луѓе, кои ги донесовте до питачки стап, кои додека вие газите црвени килими тие одат со скинати кондури. Вашето време поминува. Поминува времето на заплашување, никој повеќе не ви се плаши, а земјоделците најмалку.

Земјоделците ќе бидат граѓаните кои во најголем број ќе ве казнат на 12 април. Доаѓа време за одговорност. Доаѓа време за обнова за Македонија.