Џафери: Одлуките од Битолскиот конгрес столб во издигнувањето на албанската култура и образование

Одлуките од Битолскиот конгрес претставуваат еден од столбовите кои помогнале во издигнувањето за едно скалило повисоко на албанската култура и образование, но и за натамошното консолидирање во насока на развојот и напредокот на Албанците, со јасно избирање на ориентацијата и насоката што ќе ја следат во иднина.

Ова го порача денеска претседателот на Собранието Талат Џафери во Институтот за културно и духовно наследство на Албанците – Скопје, каде денеска по повод Денот на албанската азбука беше отворена изложба на американскиот претседател Вудроу Вилсон и беше промовирана поштенска марка со неговиот лик.

– За поздравување е обемот и разновидноста на активностите што ги развива овој Институт, се разбира секогаш во соработка со локалните институти, организации и академски институции од земјата и од странство, но пред сè научната и академската работа што трудољубиво  ја спроведува, рече Џафери.

Нагласи дека од големо значење е и почитта што се укажува по повод оваа неколкудневна манифестација на поранешниот американски претседател Вудро Вилсон, чие име го носи салата во која се одржа настанот, за неговиот прагматичен, дипломатски и визионерски пристап.

Џафери потсети дека вчера беше отворена бистата на Вилсон пред објектот на Општина Чаир, а денеска се промовира поштенска марка со неговиот лик.

-Ова е знак дека истакнатите фигури кои оставиле траги во историјата на развојот, растот и опстојувањето на човештвото, имаат посебно место и никогаш нема да се заборават, додаде претседателот на Собранието.

Џафери изјави дека се чувствува горд во однос на воспоставувањето на државната награда „22 Ноември“ за признание на луѓето од политичкиот, културниот и социјалниот живот во Република Северна Македонија, кои придонеле во унапредувањето на меѓучовечкиот соживот и взаемното разбирање на припадниците на различните заедници, култури и религии во земјата.

Напомена добитници на наградата оваа година се историчарот и хуманистот Давид Хосафлок и на просветните ветерани, Кимете и Аднан Агаи.

Директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците – Скопје Скендер Асани по повод и 12-от роденден на Институтот ги претстави проектите и успесите што ги постигнале во текот на овие години постоење.

– Четиринаесетте точки кои со помош на претседателот Вилсон беа внесени во Версајскиот договор не се однесуваат само на албанскиот народ, туку на сите народи во светот да имаат право да имаат своја држава. Но со тие 14 барања, победи и албанскиот народ, што значи дека заложбата на претседателот Вилсон ќе остане запаметена, рече Асани.

Градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу истакна дека историјата на албанскиот народ има свои подеми и падови.

–  Вудроу Вилсон претходно не ни мислел дека токму тој ќе биде главниот расипувач на грдите планови за распаѓање на албанските територии, кои произлегуваа од тајниот Лондонски Трактат, во преговарите со Индијанците во 1915 година, иако албанските територии некогаш беа окупирани од големите сили во 1913 година. Нека оваа изложба не обедини околу неисцрпната желба да не ги заборавиме никогаш добрите дела и да ги освежиме во нашата меморија, зашто само со учење од минатото можеме да го избегнеме запаѓањето во стапици во иднината, рече Ганиу.

На настанот присустуваа и францускиот амбасадор Кристиан Тимоние, Каролин Дул, градоначалничка на Општина Стоунтон, САД, Давид Хосафлок, директор на Институтот за албански и протестантски студии и воедно и годинешен добитник на државната награда „22 Ноември“.