Општина Велес распиша конкурс за стипендирање талентирани ученици и студенти за учебната 2019/2020 година

Општина Велес за учебната 2019/2020 ќе додели  10 стипендии на талентирани ученици од III-IV година во средно образование. Стипендијата е во висина од 1.500 денари месечно, а се исплатува девет месеци во годината.

Општината ќе додели и 10 стипендии на талентирани студенти со завршена најмалку една година од студиите во високото образование. Стипендијата е во висина од 2.000 денари месечно, а се исплатува девет месеци во годината. Конкурсот започна на 20 ноември и ќе трае до 3 декември.

Како што информираат од Општина Велес, право на стипендија имаат сите ученици и студенти во училиштата и факултетите во Република Северна Македонија. Критериуми што треба да ги исполнуваат се да бидат редовни ученици од средно образование со континуиран одличен успех, кои освоиле прва наградa на државни натпревари или прва, втора или трета награда на меѓународни натпревари од областа на науката, техниката, културата и спортот.

Редовни студенти со континуирано студирање, кои освоиле прва награда на државни или прва, втора или трета награда на меѓународни натпревари од областа на науката, техниката, културата и спортот, при што приоритет имаат кандидатите кои освоиле повисока награда, а кои во претходните години на студии постигнале просечен успех од 9.00 и над 9.00. Кандидатите треба да се жители на Општина Велес и
да се државјани на Република Северна Македонија.

Како што информираат од Општина Велес, пријавата со потребните документи се доставуваат во затворено плико со назнака „За Комисијата за стипендирање на талентирани ученици и студенти на Советот на Општина Велес“ ул. „Панко Брашнар” бр.1 Велес со доставување во Општинскиот центар за услуги или по пошта.

Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени најдоцна до 10 декември.