Акција за пошумување кај манастирот „Свето Преображение“ кај Крушево

Со обезбедени 4.000 садници денеска околу манастирот „Свето Преображение“ во Крушево се спроведе акција за пошумување.

Акцијата ја реализираа општина Крушево и компанијата „Секе“ со поддршка на претпријатието за стопанисување со шумите „Липа“, средното училиште „Наум Наумовски Борче“ и основното училиште „Никола Карев“.

Во акцијата се приклучи и градоначалникот на Крушево, Томе Христоски, кој најави слични активности и во иднина. 

– Денеска,  од манастирот „Св. Преображение“, на просторот каде пред само неколку седмици владееше огнена стихија, со засадување дрвја испраќаме пораки за заштита на животната средина и одговорност кон белите дробови на нашиот град, рече Христоски.

Иницијативата за пошумување, како и минатата, така и оваа година, дојде од компанијата за производство и преработка на тутун „Секе“.

– Како општествено одговорна компанија продолжуваме да организираме и да учествуваме во акции кои го подобруваат животот на луѓето и ја подигнуваат свеста за заштита на животната средина. Оваа активност е дел од проектот што го имплементираме, а се однесува токму на заштитата на животната средина и како ние самите да придонесеме кон унапредување на состојбите, изјави директорот на компанијата Јане Станкоски.