Бараме да обезбедиме правата на децата сите да ги уживаме секојдневно во животот. Секое дете да има документ, извод на родени, односно да има идентитет, но и дом каде ќе живее во љубов, грижа и поддршка. Секое дете да може непречено да посетува градинка и училиште каде ќе стекне знаење и вештини. На секое дете да му се обезбеди пристап до соодветна и квалитетна здравствена заштита и секое дете да биде почитувано и прифатено без оглед на различноста.
Ова денеска во Собранието го порача Матеа Поповска, ученик-правобранител во средното општинско училиште „Ѓорче Петров“ од Прилеп која на претседателот на Собранието Талат Џафери му ги прочита барањата на децата за нивните права.
– Ние децата сме против насилство и не сакаме навреди и понижувања, а особено цениме кога не прашувате што ние мислиме. Не сакаме да бидеме само неми набљудувачи, туку бараме од вас возрасните да не почитувате, да не вклучите и да не слушнете. Затоа во Собранието треба да се носат закони кои ќе ни ги овозможат правата утврдени во Конвенцијата. Впрочем, сите вие денес возрасни, некогаш бевте деца и знаете колку е тешко кога сте тука, но како да не сте. Ние децата не бараме нешто невозможно, неостварливо, туку нешто заедничко за сите нас. Бараме да ни ги овозможите сите детски права во реалноста затоа што сите ние сме еднакви во правата, истакна Поповска.
Претседателот на Собранието Талат Џафери обраќајки им се на децата, рече дека ниту едно дете во светот не смее да биде лишено од правото на живот, правото на семејство и семејна топлина, правото на изразување на своите мисли и постапување.
– Да се грижиме и да ги штитиме вашите права и да овозможиме ваш нормален раст и развој. Вие сте наша одговорност, наша совест и тоа што ќе градиме во вас, она за што ќе ве учиме и за што ќе ви бидеме пример е тоа во што ќе го претворите светот токму вие во иднина, рече Џафери.
Учесниците пред Собранието пуштија балони во разни бои со што симболично упатија порака за еднаквост на децата во правата.