Секој има право да истакнува слогани, но трговските марки треба да се усогласат и од македонска и од грчка страна

Различни толкувања и реакции во земјава предизвика промовирањето на слоганот „Macedonia the GReat“ од страна на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис минатата недела во Солун. Министерството за надворешни работи излезе со реакција дека тоа ја поткопува меѓусебната доверба, додека експерите велат дека за трговските марки потребна е заемна согласност и од македонска и од грчка страна. Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека секој има право да истакнува слогани, но Меѓународната експертска комисија формирана согласно Договорот од Преспа ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија.

Ѓорѓи Филипов, шеф на македонската делегација во Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитните знаци, вели за МИА дека досега не постои пријавена или регистрирана трговска марка, географска ознака или комерцијално име на компанија (фирма) во регистрите на Европскиот завод за интелектуална сопственост (EUIPO) или на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) (Маридски договор или Мадридски протокол) со спомената ознака.

– Тоа значи дека не можела да биде предмет на разгледување, ниту на грчкиот, ниту на македонскиот дел од Меѓународната група на експерти, ниту пак на целата група во која има член(ови) од (WIPO), а се очекува именување и на член(ови) од ЕУИПО, рече Филипов.

Потсети дека Меѓународната група на експерти е формирана на 18 јуни 2019, а првата седница ја одржа на 22 јуни во Скопје и за нејзината работа има и соопштение кое се наоѓа на веб-страните на двете министерства за надворешни работи, грчкото и македонското. Наведе дека во најскоро време се очекува одржување и на втората седница.

– Во меѓувреме и на двете страни се оддржуваат консултации, договарања, се пласираат предлози како да се работи бидејќи главни протагонисти треба да бидата деловните заедници од Северна Македонија и Република Грција, на кои, Меѓународната група на експерти им стои на располагање како советодавно тело кое се грижи работата да се одвива во согласност со Спогодбата од Преспа и меѓународното право, а во контекст на европските директиви за ова подрачје, вели Филипов.

Истакнува дека индустриската сопственост, каде спаѓаат и трговските марки е приватна сопственост и затоа постои одредба во Спогодбата во Чл. 1.3.ж, во која се вели дека ништо нема да се промени додека двете страни не се усогласат со решенијата. И грчкото и македонското законодавство се целосно усогласени со препораките на ЕУ.

– Деловните заедници, стопанските комори разменија писма со намери да се соработува кон правилно разрешување во духот на добрата деловна практика и Спогодбата од Преспа. Не ми е познато дека се одржани официјални средби, а контакти, разговори и подготoвки се случени и се постојани. Времето за решавање на оваа прашање во согласност со Спогодбата е три години од отпочнување на работата на групата, значи до крајот на летото 2022. Од отпочнувањето на работата, практично се поминати 4-5 месеци, вели Филипов за МИА.

Појасни дека Меѓународната група експерти им дава извештај за работата на Високиот Совет на Владите и на Комитетот на министри (еднаш годишно) и оти веројатно првиот извештај ќе биде во текот на првиот квартал од 2020 година.

– Во врска со слоганот “Macedonia is GReat”, не сум овластен јас, ниту кој било друг член од грчка или македонска страна, ниту пак некој од претставник од меѓународните организации да даваме коментари во име на Меѓународната група на експерти. Доколку биде пријавен како трговска марка, за тоа ќе се изјасни соодветниот завод пред кого ќе се бара признавање, рече Филипов.

Во Државниот завод за индустриска сопственост досега се регистрирани вкупно 34.898 трговски марки. Од овие, 15.584 марки се пријавени од македонски компании, а марките се со најразлични називи или се во слики, а со придавката „македонски“ или „macedonian“ се околу 150.

Наши трговски марки што се регистрирани согласно Мадридскиот договор, односно кои важат и во странска држава активни се 351 трговска марка. Од нив една содржи „мк“, зборот Македонија го содржат две и „мак“ содржат три трговски марки.

Премиерот Зоран Заев во неделата изјави дека Меѓународната експертска комисија што треба да се дооформи согласно со Договорот од Преспа ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија.

-Секој има право да истакнува свои слогани, да се бренидира како солунски самит или здружение на индустријалци или слично. И Договорот од Преспа и меѓународните стандарди јасно укажуваат како се решаваат ваквите прашања. Ние тоа прашање го имаме вградено во Договорот од Преспа, каде веќе е создадена и треба да се дооформи меѓународна експертска комисија која заедно ќе го реши трајно брендирањето на производите по потекло од регионот Македонија што не спојува, изјави Заев, коментирајќи го слоганот „Macedonia the GReat“ што беше промовиран за грчките производи од грчката област Македонија.

Самостојното истакнување свој амблем, појасни, не е против Преспанскиот договор, но трајните законски решенија се дефинираат преку меѓународната експретиза.

– Денеска кај нас е Made in Macedonia и во духот на Договорот треба да го решиме тоа. Кога некој  би ме прашал мене, имаме прекрасен историски регион Македонија. Зошто за сите да не биде Македонија? Ние сме веќе разграничени со географската одредница дека навистина сме северниот дел од тој историски дел на регионот Македонија, некој е на јужниот, некој на источниот дел од тој регион, секако сите сме оформени во посебни држави. Можеме низ решенијата за вакви прашања да градиме единство и сплотеност и да бидеме уште попочитувани од западниот свет, изјави Заев во неделата.

Македонското Министерство за надворешни работи не било информирано за грчката намера за изготвување или за промовирањето на маркетиншкиот слоган Macedonia the Great завчера во Солун и оти ја подрива меѓусебната доверба.

– Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија цени дека ваквиот унилатерален приод кон решавање на прашања, кои, согласно Преспанскиот договор, треба да бидат регулирани заеднички од страна на деловните заедници, не е најсоодветен пристап кон почитување и имплементацијата на обврските од Договорот. Ние цениме дека на ваквите прашања треба да им се пристапува преку дијалог и со советодавна и експертска асистенција на Меѓународната група експерти за комерцијалните имиња, трговските марки и заштитни знаци. Унилатералеиот пристап може да доведе до подривање на меѓусебната доверба и да има негативно влијание врз досегашните напори и постигнати резултати меѓу двете држави, кои претставуваат пример за надминување на билатералните предизвици. На пристапот применет во Преспанскиот договор, од страна на меѓународната заедница, се гледа како потенцијален модел за надминување на отворени прашања меѓу други држави, беше реакцијата на МНР.

Здружението на извозници на Грција, минатата недела во Солун, во присуство на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис ги промовираше ознаката и слоганот со кои грчките производи ќе бидат проследени на меѓународно ниво. Нови колективни трговски ознаки за грчките производи  од грчката област Македонија се слоганот „Macedonia the GReat“, со потенцирани букви ГР како кратенка за Грција и буквата „М“ како ознака, испишани со бело на сина позадина.

По презентацијата, грчкиот премиер рече дека новата колективна ознака „отсега, па натаму ќе ги придружува македонските производи и услуги низ целиот свет“.

Кажа дека се обврзал оти ќе се справи со негативните последици од Договорот од Преспа, поддржувајќи ги професионалните групации од Северна Грција, како што рече, за да се воспостави унифициран колективен идентитет, кој ќе ги раздвојува производите што се произведуваат отсега понатаму на македонската почва. Рече дека знакот ќе биде веднаш доставен до Европската канцеларија во Аликанте, а грчките компании веќе пројавиле интерес за бесплатно добивање на марката.

Вчера „Катимерини“, повикувајќи се на надлежни извори, објави дека формирањето меѓународна комисија на експерти е предвидено од Договорот од Преспа и како таква ќе се промовира, во однос на отворената дискусија откако Грција го промовираше слоганот и логото за производите од северниот дел на земјата.

Весникот наведува дека прашањето за трговските имиња е особено сложено прашање и ќе биде потребно време, но и активно вклучување на компаниите.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас, на 30-ти минатиот месец рече дека заштитата на македонските производи и понатаму е едно од главните прашања за грчката влада кога говори за подобрување на „штетниот договор“.

– Ја градиме нашата позиција во однос на заштитата на македонските производи. Како што знаете тоа е едно од најосновните прашања што ги истакнавме кога велиме дека сакаме да го подобриме овој штетен договор и ќе направиме сѐ за да ги заштитиме имињата „македонско/македонски“ на етикетите или производите на грчките компании. Тоа е нешто што е во тек, рече тогаш Пецас и додаде дека во суштина, комисијата за трговски ознаки формирана од претходната влада „не донесе резултати“.