Анѓушев: Енергетската заедница ја прогласи земјава за шампион во реализација на енергетските реформи

Енергетската заедница во последниот редовен извештај објавен денеска го нотираша напредокот во имплементација на реформите во енергетскиот сектор во Република Северна Македонија и ја посочи нашата земја како шампион во спроведување на енергетски реформи.

Тоа го истакнал вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев  при учеството на панелот во Вашингтон  „Енергетска безбедност во Источниот Медитеран“, одговарајќи на прашањето како го оценува имплементирањето на реформите во енергетскиот сектор и кој проект би можел да го издвои како клучен во насока на енергетска транзиција и зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори, соопшти Кабинетот на вицепремиерот.

На панелот, кој се одржа во рамки на Конференцијата на Југоисточна Европа и Источен медитеран „Нови стратегии – нови перспективи“, во организација на Делфи форумот и весникот Катимерини, учествуваа и грчкиот министер за развој и инвестиции Адонис Георгиадис и министерот за надворешни работи на Кипар Никос Кристодулидес.

Анѓушев потенцирал дека усвојувањето на Законот за енергетика во мај минатата година и имплементацијата на сите реформи кои произлегуваат од овој Закон по предвидената динамика носат многу можности за развој на енергетскиот сектор во Северна Македонија, особено кога станува збор за обновливите извори на енергија.

Пред учесниците на панелот вицепремиерот потенцираше дека е успешно реализирана тендерска постапка за изградба на првите 19 мегавати инсталирана моќност од фотоволтаични електрани на државно земјиште.

– Тендерот беше одлично конципиран и условите многу атрактивни за инвеститорите, почнавме со позитивна понуда за премиуми, но со поддавањето меѓу заинтересираните компании, не само што државата нема да исплаќа ремиуми, туку и компаниите за да ги изградат тие фотоволтаични електрани од 19 мегавати ќе и исплатат на државата околу 2,5 милион евра, што е позитивен исчекор во зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори и еден од најдобрите проекти во Југоисточна Европа, рекол вицепремиерот.

Од аспект на електро-енергетската инфраструктура, како што појаснил, нашата земја е многу добро поврзана со соседните преку осум постоечки далекуводи, а за уште подобро поврзување во тек се процедурите за изградба на уште еден далекувод за електро-енергетско поврзување со Албанија.

-Она што ни недостига е добро гасно поврзување. Во моментов има само една гасоводна цевка за снабдување која доаѓа од Бугарија, при што во голема мерка зависиме од снабдувањето со гас преку Гаспром. Нашиот главен приоритет во таа смисла е изградбата на гасоводен интерконектор меѓу Северна Македонија и Грција, со кој би се поврзале со Трансатлантскиот гасоводен систем и терминалите за природен гас на брегот на Егејското море, нагласил Анѓушев.

Тој информирал дека е изработена физибилити студијата и е одредена трасата по која ќе поминува овој гасовод, како и дека е во тек изработка на студијата за заштита на животната средина и основен проект. Обезбедени се и финансиски средста преку Европската инвестициона банка, што значи дека веќе сме во финална фаза пред објавување на тендерската постапка за изградба на гасниот интерконектор. Заедно со Република Грција треба да работиме на овој проект, на тој начин би се зголемила конкурентноста во снабдување со гас, што значи и сигурност и поповолни цени за крајните потрошувачи, потенцирал Анѓушев.

Како што стои во соопштението, вицепремиерот истакнал дека Северна Македонија мора да биде и е отворена за секаков вид соработка со другите земји, особено кога станува збор за соработка во енергетскиот сектор. СЕ осврнал на имплементацијата на владините економски политики и потенцирал дека изминатиот период се реализирани одлични економски резултати кои се претставени преку намалувањето на невработеноста, покачувањето на просечните плати, растот на индустриското производство, нивото на странски директни инвестиции, што доведе до раст на БДП од над три проценти во последните пет квартали.

– Нашата земја, но и другите земји во регионот, во поглед на производството на електрична енергија се во голема мера зависни од производството на термоцентралите од јаглен, а согласно новите трендови за заштита на животна средина, потребна е транзиција кон поеколошки капацитети за производство на енергија, користејќи ги обновливите извори, рекол вицепремиерот.

Во тек на конференцијата, вицепремиерот се сретнал и со Вилбур Рос, секретарот за трговија во Стејт Департментот, со Метју Палмер, специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, како и други претставници од политичкиот и економски живот во САД, се наведува во соопштението.