Продолжува Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан

Соработката во делот на миграциската политика и граничното управување помеѓу ЕУ и регионот е во фокусот на работа на вториот ден од „Министерскиот форум за правда и внатрешни работи ЕУ – Западен Балкан“, што се одржува во Собранието на Република Северна Македонија под покровителство на Финското претседателство со Советот на Европската Унија.

Како што соопштија од МВР, еврокомесарот за миграција Димитрис Аврамопулос, ќе биде дел од министерскиот состанок за внатрешни работи на кој земјите членки на ЕУ се претставени од страна на министрите за правда и за внатрешни работи на Република Финска, високи претставници од Сојузна Република Германија и Република Хрватска, како и други претставници на европските институции.. Земјите од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија, Црна Гора и Северна Македонија се претставени со министрите за правда и за внатрешни работи, односно високи претставници од нивните министерства.

На првиот ден од Министерскиот форум на кој тема беше владеењето на правото и реформите во правосудството, беше истакнато дека  од гледна точка на Европската комисија, нема сомнеж за европските перспективи на Западен Балкан, но дека се уште се потребни сеопфатни и одржливи реформи во клучните области и оти напредокот низ овој процес на проширувањето е, пред се, во рацете на земјите од Западниот Балкан.

-Владеењето на правото е во сржта на процесот на пристапување на ЕУ. Комисијата е подготвена и понатаму да ги поддржува своите партнери од Западен Балкан преку финансиска, техничка и експертска помош, рече еврокомесарката, додавајќи дека на форумот се дискутирало за реформите во правосудството, за бробата против корупцијата и организираниот криминал, за темелните права, за функционирањето на демократските институции, а делумно и за реформата на јавната администрација.

Министрите, според неа се согласиле дека спроведувањето на реформите треба да биде во поголем фокус и оти тие треба да се одредат за приоритети, да се подобри ефикасноста на правосудниот систем, да се подобрат напорите за да се реши заостанатиот број на предметите и да се спроведат дигитализирани системи за управување, да се зајакнат напорите за борба против корупцијата, како и да се подобрат затворските услови за да се задоволат стандардите на Советот на Европа и размена на искуства.

Форумот се одржува на годишно ниво и е дел од Стратегијата за поддршка на земјите од Западен Балкан на патот за нивно полноправно членство во Европската Унија.