Одложувањето на датумот за отпочнување на преговори на Северна Македонија со Европската Унија е историска грешка. Италија ќе направи се што е во нејзина моќ да ја поправи оваа грешка и вашата земја да почне со преговорите што е можно побрзо, порача денеска амбасадорот на Република Италија во земјава, Карло Ромео на дебатата „Ја избирам Европа: Што по октомври 2019? Предизвици за европскиот пат на Република Северна Македонија“, што се одржа во организација на Здружението Млади европски федералисти – Македонија – ЏЕФ Македонија во Скопје.
Италијанскиот амбасадор смета дека за државава нема друга алтернатива освен европскиот пат, а како што вели, позицијата на Италија во однос на нашиот процес на добивање датум за отпочнување преговори со Европската Унија отсекогаш била јасна, отворена и искрена.
– Италија ќе направи се што е во нејзина моќ да ја поправи грешката што е можно побрзо и да го остави прозорецот отворен за Северна Македонија. Како Италија, ние сакаме да го почнеме процесот на отворање на преговорите. Отворени сме за повторно разгледување на можностите на механизмот и методологијата на преговорите. Ќе продолжиме да соработуваме со Европската Комисија, за да ги надминеме разликите и да добиеме позитивна одлука што е можно побрзо, рече Карло Ромео.
Потсети дека минатиот период во Италија се одржала значајна средба меѓу премиерот Зоран Заев и италијанскиот премиер Џузепе Конте, но исто така ја напомена и средбата што ја имале претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и италијанскиот претседател Серџо Матарела.
Појасни дека на средбите во Италија ја потврдиле силната поддршка и наклонетост.
– Италија е отворена за дискусија за новата форма на методологија, на начинот на преговарање и условите, но сепак не сакаме новата методологија да се трансформира во еден вид на изговор да се одложи отворањето на преговорите со нови потенцијални земји членки. Затоа не треба да има повеќе одложување. Сметаме дека сите процеси може да се одвиваат паралелно. Се надевам дека Скопје и Тирана за многу брз период ќе ги почнат пристапните преговори со ЕУ, додаде амбасадорот.
Државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, Зоран Попов, кој учествуваше на денешната панел-дискусија, рече дека ние како држава треба да направиме се што е во наша моќ да почнат пристапните преговори. Според него, треба да работиме дома и надвор, односно треба да се насочиме кон подобрување на реформите, но и да соработуваме со државите од регионот.
Тој истакна дека едноставно, немаме план Б. За отпочнување преговори со Европската Унија, според него, консензус имаат сите клучни политички партии во земјава, но и граѓаните.
– Сметам дека сме на добар пат за интензивирање на политички и економски дијалог. Ние треба да објасниме зошто е добро не само за државата, туку и за народот, да се отпочнат преговорите. На крај на денот, реформите не се за Европска Унија, туку се за нас, за да ние имаме подобро општество. Не сакаме одложување или дополнителни услови, потенцира Попов.
Тој додаде дека добивањето датум за отпочнување на преговорите е добро и за нас и за регионот, но и за Европската Унија, затоа што таа ќе донесе стабилност за сите.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции, Никола Попоски, кој исто така имаше свое излагање на дебатата, посочи дека доколку имаме општ интерес за долгорочна перспектива на земјава, тогаш смета дека не треба да правиме разделување пред и по ноември 2019 година.
– Насловот на дебатата е „Што по октомври 2019?“, но сметам дека не треба да правиме вакво одвојување. Зошто? Затоа што ова не е приказна што почнува во 2019 година, таа се одвива веќе години наназад. Мислам дека ние сме веројатно една од најискусните земји, ја знаеме приказната, ги знаеме сите методологии и промените во пристапите. Затоа кога некој ќе не праша, што ќе правиме утре, ние сме доволно искусни за да знаеме дека процесот на преговарање ќе продолжи. Политичарите се менуваат, методологијата се менува, но процесот ќе продолжи на овој или оној начин, рече Попоски.