Заменик-претседателот на Владата на Република Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, од денеска е во дводневна работна посета на Република Австрија, каде што ќе учествува на престижната конференција „Виена Конгрес КОМ – СУЛТ 2018“ (Vienna Congress com – sult 2018), насловена „Стратегија за иднината на Европа“.
Како што соопшти СЕП, на форумот кој е еден од најреномираните во Европа, дебатата ќе биде фокусирана на развојот на настаните на Западниот Балкан, како и европските перспективи на земјите од регионот. Вицепремиерот Османи ќе го има воведниот збор на првиот панел „Go West, Western Balkan!“, а ќе учествува како панелист и на останатите предвидени панели на конференцијата.
Во рамките на посетата, вицепремиерот Османи ќе се сретне и со сојузниот министер за Европа, интеграција и надворешни работи на Австрија, Карин Кнеисл. На средбата, како што соопшти СЕП, ќе стане збор за евроинтегративниот процес на нашата земја, односно имплементацијата на реформите од Планот 3-6-9, отстранувањето на политичките пречки на евроинтегративниот пат, како и сите останати активности на Владата во пресрет на Стратегијата за проширување на ЕК и нашите очекувања од неа.