Во организација на Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет од 13 до 15 ноември во Истанбул, Р Турција беше одржан меѓународен научен симпозиум насловен како „Урбани културни идентитети – Скопје и Истанбул“.
Симпозиумот беше отворен во присуство на висока делегација од македонска страна, составена од ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, амбасадорот на Република Северна Македонија во Анкара д-р Звонко Муцунски, генералниот конзул на РСМ во Истанбул д-р Актан Аго, заменик на генералниот конзул во Истанбул, Александар Христов, а од турска страна присуствуваа и свои обраќања имаа: ректорот на Истанбулскиот универзитет проф. д-р Махмут Ак и деканот на Факултетот за литература проф. д-р Хајати Девели.
Симпозиумот кој е поддржан и вклучен во годишната програма на Министерството за култура на РСМ за 2019 година, претставува континуитет на Договорот за соработка кој во 2018 година беше склучен помеѓу Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Факултетот за литература при Истанбулскиот универзитет. Договорот меѓу другото вклучува заемно учество во издавачката дејност на двете институции, визитинг-предавања, учество на симпозиуми, гостувања на македонски писатели пред студентите по македонистика на Истанбулскиот универзитет и сл.
На научниот симпозиум учество земаа дваесет и седум научни работници од двете земји со излагања во кои се третираат теми за урбаниот концепт на градовите Скопје и Истанбул, кои во текот на историјата бeлежат значајни и мошне интензивни политички, економски и културни релации.
„Градовите ја имаат функцијата на поврзување на луѓе, вери и народи и на нивните култури. Динамиката на културните размени меѓу Скопје и Истанбул, со овој
проект се нотира низ значајните пунктови на тие релации (јазик – литература и историја – култура) со теми кои ги поврзуваат состојбите од средновековниот период и периодот на преродбата па сѐ до денес, преку кои се граделе и културните идентитети на двата града, процеси кои низ историски претпоставки доведувале до меѓусебни културни препознавања“, беше истакнато во поздравното обраќање на проф. д-р Маја Јакимовска – Тошиќ, директор на Институтот за македонска литература.
Деканот на Факултетот за литература при ИУ, проф. д-р Хајати Девели го истакна значењето на постоењето на Лекторатот за македонски јазик и литература, кој во рамките на Факултетот за литература започнува да функционира во академската 1985/86 година. Тој подвлече дека радува фактот кој говори дека интересот за изучување на македонскиот јазик континуирано се зголемува и во моментот бројот на студенти изнесува 127, а наставата (десет неделно) ја организира и реализира лекторот по македонски јазик и литература м-р Марина Цветаноска. Истовремено деканот, проф. д-р Хајати Девели ги спомена и ѝм се заблагодари на сите претходни лектори кои придонеле кон издигање на рејтингот на македонскиот лекторат во Истанбул.
Истакнувајќи го задоволството на домаќин, како што рече: на првиот плод на Договорот за соработка со Институтот за македонска литература, проф. д-р Хајати Девели го подвлече и значењето на досегашната соработка со Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ и континуираното присуство на студентите на Летната школа во Охрид.
Двајцата ректори кои остварија и засебна средба на која го истакнаа значењето на континуираната и посветена соработката меѓу двата универзитета: Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и Истанбулскиот Универзитет, која датира од 1982 и која е базирана на извонредната билатерална соработка и меѓудржавните конвенции склучени помеѓу Република Турција и Република Северна Македонија. Таа се одвива и помеѓу одделни факултети – членки на универзитетите во повеќе научни области и дисциплини, а заеднички се согласија дека ќе продолжи и во иднина.
„Градовите не претставуваат само физички простори, тие се и извор на културата и идентитетот, а Скопје е еден од ретките градови на Балканот кој е колевка на цивилизацијата со огромна историска позадина. Р Турција им придава големо значење на политичките, економските и културните односи со Р Северна Македонија. Ние како Истанбулски универзитет, придонесуваме во овој процес кон постојано унапредување на односите со Македонија во областа на науката и образованието“, подвлече ректорот на Истанбулскиот универзитет, проф. д-р Махмут Ак.
Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, потенцираше дека: „Реализацијата на овој проект „Урбани културни идентитети – Скопје и Истанбул“, со поддршка на Министерството за култура на РСМ, на заемно задоволство се иницира од двете институции (Институтот за македонска литература и Факултетот за литература) и со голем број учесници на научниот собир организиран по овој значаен повод, веруваме дека ќе придонесе за поголемо поврзување и зајакнување на традиционално блиските македонско-турски културни врски“.
Сеопфатниот тематско-содржински концепт на рефератите, кои беа презентирани во текот на работните сесии и интересот кој беше предизвикан кај посетителите и научната јавност во Истанбул, само потврди дека симпозиумот „Урбани културни идентитети – Скопје и Истанбул“, ја постигна клучната цел на негување и градење мостови помеѓу градовите Скопје и Истанбул и двете пријателски земји Р Северна Македонија и Р Турција.