Можностите за формализирање на соработката со Швајцарскиот Центар за безбедност, развој и владеење на правото, (ДЦАФ), во делот на истражувања и експертизи за реформските процеси во безбедносниот сектор во Република Македонија, според најдобри пракси од земји членки на ЕУ, беа дел од темите на денешната средба на премиерот Зоран Заев со високи претставници на Центарот Томас Гуебер, директор и Марк Ремилард, програмски менаџер.
– Одлучни сме да спроведеме професионализација на безбедносните служби и да го направиме системот функционален, обезбедувајќи парламентарен надзор и граѓанска контрола врз работата на безбедносните служби, како една од значајните клучни реформи што ги правиме во рамки на реформскиот процес, рекол премиерот Заев на средбата на која присуствувала и Сибил Сутер Тејада, амбасадорка на Швајцарија во Република Македонија.
Заедничка констатација на соговорниците била дека за реформите во безбедносниот сектор потребен е инклузивен процес, со вклученост на Парламентот, опозицијата и граѓанскиот сектор. Се разговарало и за зајакнување на судско – обвинителните капацитети во рамки на овој реформски процес.