Социјални претпријатија, претставници на бизнис секторот и граѓански организации од земјава и од Албанија, како и гости експерти од Словенија, Австрија и Белгија, во Битола го промовираа проектот „Социјални претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge)“ фокусиран на теми поврзани со социјалната економија и улогата на бизнисите за постигнување општествени промени.
Новата економија размислува да пронајде начини како да се спаси планетата бидејќи според Климентина Илијевски, проектен менаџер, во светот се користат двојно повеќе од ресурсите кои што годишно ги произведува планетата и се поголеми се нееднаквостите меѓу луѓето.
-Новата економија развива нови правци во кои не е важно да се води сметка за профитот, туку напротив важно е да се води сметка за влијанието што бизнисот го остава во општеството и во природата. Во светот се повеќе се развиваат социјални претпријатија како одговор на потребите во општеството и на планетата. Во моментов како држава сме во зачеток, а во поранешниот систем имавме здрава социјална економија и затоа се обидуваме да ги извлечеме искуствата од минатото, посочи Илијевски.
Во РС Македонија има мрежа на социјални претпријатија чија цел е да соработува со традиционалните бизниси и тоа овозможува голем бенефит за планетата, посочија учесниците на дебатата и саемот во рамки на проектот „Социјални претпријатија – мост помеѓу социјалниот сектор и традиционалниот бизнис (SE-Bridge)“. Проектот е финансиран од Европската унија во рамки на Програмата за прекугранична соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија, имплементиран од страна на Центарот за развој на претприемачи и менаџери CEED Македонија и Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој „Паблик“ од Скопје, како и Агритра Визион Центер и CEED Албанија од Албанија.