Вархелји смета дека Скопје и Тирана треба да почнат преговори пред мај

 Кандидатот за комесар за проширување и соседска политика, Унгарецот Оливер Вархелји, два и пол часа беше сослушуван и оценуван од европратениците за неговата способност да ја врши оваа функција во наредните пет години.

Во својот воведен збор, Вархелји истакна дека неговата амбиција е да успее да ги убеди земјите членки Северна Македонија и Албанија да ги започнат преговорите за членство со ЕУ пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб, закажан за почетокот на мај.

Вархелји посочи дека три земји членки го кочат процесот, а тоа се Франција, Холандија и Данска. Тој застана зад европската перспектива на Северна Македонија и Албанија и изрази надеж дека, доколку биде потврден од Европскиот Парламент, до крајот на неговиот петгодишен мандат Скопје и Тирана ќе бидат веќе длабоко навлезени во преговорите со ЕУ.

Специфично за Северна Македонија, Унгарецот потсети дека европските лидери масовно го посетуваа Скопје пред референдумот за Договорот со Грција и и ветија на земјата дека доколку референдумот биде успешен, преговорите ќе бидат отворени.

-Она што е во прашање тука е кредибилитетот на ЕУ во регионот и пошироко, изјави Оливер Вархелји.

Кандидатот за наследник на Јоханес Хан потврди дека за него, исто така, проширувањето и продлабочувањето на Европската Унија се процеси кои можат да одат паралелно.

-Треба да ги отвориме преговорите со Северна Македонија и Албанија, тоа значи дека треба да застанеме јасно зад принципот на членство и зад принципот на сопствена заслуга истовремено, рече Вархелји одговарајќи на прашање на пратениците.

Запрашан за можноста да се одвојат двете земји, тој не ја исклучи оваа опција.

-Ниеден пристапен процес не може да биде кредибилен без принципот на сопствена заслуга, мораме да се држиме до тоа, можеби ќе дојдеме до критична точка каде една, две или три земји ги исполнуваат критериумите. Немам предрасуди во однос на тоа, ако е една, една е, ако се две -две, три – три, но не смееме никого да попречуваме во успехот, ако покажат заложба, и ние треба да покажеме, така што можно е да се напушти принципот на пакет, но не ја исклучувам можноста за пакет, изјави Вархелји.

Кандидатот инсистираше во овој дел и на важноста да се има предвид геополитичкиот елемент во однос на регионот затоа што “Балканот е многу чувствителен регион и нашата работа е да создадеме долгорочен просперитет“, додаде Унгарецот.

Тој додаде дека ги зема предвид и преокупациите на земјите членки кои се резервирани во однос на проширувањето.

-Треба да работиме на таа загриженост кога е главно поврзана за лажните барања за азил, корупцијата и други теми поврзани за владеењето на правото, ќе работиме заедно со нашите партнери во Северна Македонија и Албанија за да ја ублажиме таа загриженост и да им помогнеме на земјите да ги исполнат критериумите, рече Оливер Вархелји додавајќи дека оваа Европска Комисија јасно се држи до принципот дека земјите од регионот имаат ЕУ перспектива.

Не изостанаа прашањата за азилот на осудениот поранешен премиер, Никола Груевски, одобрен од унгарската Влада, но Вархелји експресно се дистанцираше од таа одлука, истакнувајќи дека според правилата во ЕУ, одлуките за азил се исклучиво надлежност на земјите членки, и дека тој како иден комесар нема да прима инструкции од ниту една земја членка.

Меѓутоа, Вархелји, на барањата од европратениците за гаранции дека ќе биде независен од Виктор Орбан, не успеа експлицитно да ги осуди изјавите на премиерот, кој го номинираше.

Запрашан во повеќе наврати од пратениците на социјалдемократската група и на зелените дали се дистанцира од изјавата на Орбан дека Унгарија доколку го добие портфолиото проширување ќе и помага на Турција, Вархелји не формулираше експлицитна осуда утрово.

Координаторите на пратеничките групи во текот на денешниот ден ќе треба да постигнат договор за кандидатурата на Оливер Вархелји, одлуката се очекува во текот на денот.