Преку обуки ќе се зајакнуваат капацитетите на беровските советници

Во Берово започна првата од серијата обуки во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на општинските совети“.
Проектниот менаџер Илмиасан Даути и претставникот од здружението на финансиски работници, Максим Ацевски, пред присутните советници при Советот на Општина Берово, претседателот на Советот Јован Матеничарски, како и градоначалникот Звонко Пекевски, во рамки на првата обука ја презентираа програмата, активностите, обврските и придобивките од проектот.
-Проектот ќе се имплементира во три компоненти. Првата ќе биде зајакнување на транспарентноста, отчетноста и граѓанското учество. Втората е финансиска поддршка за реализација на максимум три проекти во општината, преку грант во висина од максимум 50.000 швајцарски франци. Проектите треба да бидат од областа на социјалната заштита, образование и родова еднаквост, додека со третата компонента се предвидува вмрежување на советниците и канализирање на гласот на совениците преку студиски патувања, меѓународни конференции и тематски групи, истакна проектниот менаџер Даути.
Во проектот, како што додаде, дополнително е предвидено зајакнување и на капацитетот на општинската администација, со тоа што поединечно на обуките ќе присуствуваат административните службеници за чија тема се однесува обуката.
-Ова е најголем проект за поддршка на Советниците при Советите, кој се имплементира во Република Северна Македонија, кој што до сега во многу општини значително има свој придонес во подобрувањето како во делот на капацитетот на институциите и органите на власт, така и на одредени услови за живот, кои граѓаните преку форум ќе одлучат кои се приоритени за решавање, дополни Даути.
Проектот „Зајакнување на капацитетите на општинските совети“ со поддршка на Швајцарската агенција за развој се реализира преку Програмата на Обединетите нации за развој (УНДП) во соработка со Министерството за локална самоуправа и Министерството за финансии и ЗЕЛС.