Концерт на Александра Коцевска и Глигор Гелебешев во Велес

Во Ликовниот салон во Велес синоќа беше одржан концерт на Александра Коцевска соло пеење – мецосопран во пијано придружба на Глигор Гелебешев, кои од публиката беа враќани на бис, а за крај Коцевска ја отпеа популарната ариа Кармен. Концертот беше во организација на Сојузот на музичкии уметници на Македонија (СМУМ) преку проект  поддржан од  Владата кој се реализира преку Министерството за култура,во рамки на  циклусот концерти низ државата насловени „Про музик“.

Двајцата успешни уметници и професори од ДМУБУЦ „Илија Николовски-Луј“ од Скопје пред велешката публика се претставија со дела од Шопен, Гранадос, Сарасате, Росини, со Шпанска канцона и дело од Обрадорс.  

По успешниот настап во разговор за МИА, тие оценија дека се задоволни од настапот и велешката едуцирана публика која знае што е добра класична музика.

Проф Глигор Гелебешев вели дека во Велес настапувал повеќепати и како солист и како пијано придружба и како камерен музичар и оценува дека велешката публика е едуцирана познава и многу сака класична музика и дека тој со задоволство доаѓа во Велес, а сега и со неговата колешка Александра Коцевска.

На новинарско прашање колку е важно освен во Скопје да настапат и во други градови во внатрешноста на земјата, тој појасни дека тоа е важно за нив како уметници но и за публиката која за ваков настан не мора да патува во Скопје.

Гелебешев искажа голема благодарност што во таа насока ја добивата подршката од Министерството за култура. Тој информира дека овој програм со кој настапија во Велес е нов и  планираат понатаму со овој концерт да настапат и во странство.

За разлика од Гелебешев неговата колешка Александра Коцевска првпат настапува  – пее во Велес.

-Јас сум задоволна од настапот посебно од салата, бидејќи тука можете да си го слушате и да си го раководите гласот во ваква прекрасна сала. Имаше многу публика, а тогаш адреналинот расте и вие имате чувство дека треба навистина да го докажете тоа што сте го работеле со години, појаснува Коцевска.

Таа вели дека настапот во внатрешноста многу и значи бидејќи нејзините почетоци биле во педагогијата кога почнала во 1996 година во Штип и каде е основоположник на соло пеењето.

– Многу ми значи што во овие четири години настапував во многу градови и гледав тоа да е музука која е привлечна за народот не многу тешка за слушање,меѓутоа привлечна и гледам дека луѓето навистина се желни за музика. Не само за народната и забавната, тука и за класичната и сакаат да слушнат нешто навистина убаво. Затоа јас на крај на концертот  на бис ги наградив со популарната арија Кармен,затоа што народот ја познава и ја сака и затоа се одлучив токму  нејзе да ја изведам, а и затоа што е за мецосопран,појасни Коцевска.

Воедно најави дека на 18 декември ќе има свој последен годинашен концерт  во салонот 19/19 во Скопје.

Коцевска информира  дека годинава и била многу плодна и настапила во повеќе градови во земјава: во Прилеп  со „Трио колегиум“,имала настап со дуо „Пани“ односно  како  квартет во Кочани,  со „Трио колегиум“  во Штип,настапувала на „Куклите“.

Во понеделникот имала концерт „Танго звуци“ во Музејот на македонска народна борба, a претходно  и голем проект докуметарен филм со Македонската телевизија за големата композиторка Клара Шуман.