Градот убав мора да продолжи да се развива во современа европска престолнина, да биде достојно место за живеење. Одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Скопје е сеќавање на минатото, но носи и моќна порака за иднината. Да го направиме Скопје град за сите. Го отвараме градот за граѓаните, ги вклучуваме во процесите на одлучување и создаваме модел за долгорочен развој на градот, истакна вечерва градоначалникот на Град Скопје Петре Шилегов на одбележувањето на 75-годишнината од ослободувањето на Скопје.
Тој посочи дека во неговата визија, Скопје е просперитетен и отворен град, еднаков за сите. Со инфраструктура и градби адаптирани за потребите на граѓаните, град којшто се развива внимателно ама и рамномерно, град којшто обезбедува услуги за граѓаните, што го вбројуваат во европските метрополи и паметни градови.
– Минативе две години докажавме дека се грижиме за нашето наследство од Народноослободителната борба, отворивме музеи и изложби, ги уредивме просторите и просторот околку запоставените спомен-обележја во градот, а соработка со Сојузот на борци е одлична. Длабоку сум убеден дека она што успеавме да го реализираме досега исполни барем мал дел од нашата обврска кон нашите ослободители. Чекор по чекор го враќаме Скопје на правиот пат. Патот на космополитизмот, солидарноста, хуманоста, патот на прогресот. За нас нема повеќе или помалку важни делови од градот, секој е важен, секој наш граѓанин секој наш Скопјанец е важен, нагласи Шилегов.
Градоначалникот на Град Скопје им додели награда „13 Ноември“ на фотографката Ерина Богоева за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“, на музичкиот педагог, истражувач и публицист Александар Трајковски за значаен придонес во областа на културата,уметноста и литературата со објавувањето на книгата „Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“, на Карате клубот Работнички – Скопје за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план, на Алили Бесир за освоено прво место на Европско првенство во борење за кадети, на учениците Ана Марија Атанасова за постигнати резултати во воннаставни активности и Стефан Стојковиќ за успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на градот Скопје во светот, Христина Спасевска за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа Обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност, Жикица Ѓорѓиевски за за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик, на Дита Старова Ќереми за за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје, Фросина Зафировска за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и на Бисера Чадловска за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.