Оваа недела Најроби е домаќин на Самит на глобални лидери, креатори на политики и влијателни страни, во момент на одбележување на 25-годишнината од Меѓународната конференција за население и развој (ИЦПД) одржана во 1994 година, кога беше воспоставена амбициозна акциска програма за да се постигне сеопфатно сексуално и репродуктивно здравје и репродуктивни права за сите.
Македонија беше една од потпретседавачите на Конференцијата во Каиро пред 25 години, заедно со Романија и Унгарија од регионот на Источна Европа.
На Самитот во Најроби македонска делегација, поддржана од Фондот за население на ОН (УНФПА), активно учествува со 12 члена од различни сектори, меѓу кои сопругата на претседателот Стево Црвенковски, високи претставници од министерствата за труд и социјална политика и за здравство, парламентарци, претставници на стручни асоцијации, на граѓански здруженија, на млади, како и медиуми.
Сопругата на македонскиот претседател, Елизабета Ѓоргиевска учествуваше на висока панел дискусија на тема „Сексуално и репродуктивно здравје и права: основен елемент на универзалното здравствено покритие“, при што нагласи дека со проекти кофинансирани од Владата, Министерството за здравство и УНФПА во државата се постигнати исклучителни резултати во кратко време – намалена пренатална смртност и смртност на новороденчиња и деца под петгодишна возраст.
– Првата Национална стратегија за сексуално и репродуктивно здравје беше развиена во 2010 година за период од 10 години (2010-2020). Вистинско спроведување почна со усвојување на Акцискиот план за сексуално и репродуктивно здравје во 2018 од страна на Владата, а изготвен со широко учество на партнери. Тоа е еден од првите документи за национална политика усогласен со Акциониот план на Светската здравствена организација (СЗО) за сексуално и репродуктивно здравје и целите на одржлив развој, нагласи Ѓоргиевска
Таа изрази надеж и залагање дека ќе придонесе до 2030 година да се обезбеди нула незадоволена потреба за планирање семејство, нула случаи на мајчина смртност, која може да се превенира и нула родово базирано насилство и штетни практики како што се детски бракови.
На панел дискусијата на Парламентарниот форум пратеничката Јагода Шахпаска зборуваше за македонското искуство. Таа нагласи дека со алоцирање средства од буџетот, успешно е спроведена превентивна програма за мајки и деца за превенција на мајчина и перинатална смртност и смртност кај новороденчиња.
– Во 2012 само 40 отсто од тие средства биле наменски потрошени, по што следи драстично зголемување на смртноста на новороденчиња во Европа (14,9 отсто). Како пратеници организиравме јавна дебата и сега со политиките на новата Влада успеавме да ја намалиме смртноста кај новороденчињата под шест отсто, нагласи таа.
Шахпаска додаде дека тоа е доказ како пратениците треба да влијаат на спроведување одлуки базирани на докази.
Самитот во Најроби се одржува во време на критична важност за сексуално и репродуктивно здравје и права и на него се очекува сериозно да се укаже дека сексуалното и репродуктивното здравје е основно човеково права и тие се клучни за здравјето на жените, децата и адолесцентите.
Напорите на ИЦПД не смеат да се вратат на почетокот, што посебно го нагласи поранешната премиерка на Нов Зеланд, Хелен Елизабет Кларк.
– Идеолошки управуваните сили се обидуваат да ги намалат тешко остварените придобивки, да го намалат финансирањето на основните услуги и да ги отстранат упатствата за тие услуги и права од меѓународните договори. Таквите напори за враќање на 25-годишниот напредок не смеат да бидат успешни, рече Кларк.
На првиот ден на Самитот веќе беа испратени бројни пораки во поддршка на значењето на ИЦПД: „Сексуалното и репродуктивно здравје и права на жените и девојчињата не се за преговори. Тие му следуваат на човекот. Светот мора да дејствува сега и да ги забрза напорите за зајакнување на правата на жените и да се стави крај на родова дискриминација и насилството и на детските бракови“.
Во панел дискусиите беше нагласено дека во време на интензивна политичка поддршка во земјите треба да се обезбеди квалитетно здравство за сите – универзално здравствено покритие – за што ќе бидат потребни сеопфатни програми и финансиски средства за сексуално и репродуктивно здравје, како дел од националните здравствени планови.
Самитот на ИЦПД се одржува во регион на светот каде има негативни ефекти од намалувањето на сексуалното и репродуктивното здравје и права.
Годишно, во Субсахарска Африка се регистрирани две третини од сите починати мајки во бременост (196.000), а стапката на мртвородени деца е повеќе од осум пати повисока од региони со високи приходи.
Говорниците нагласија дека на глобални ниво една од три жени доживеале сексуално насилство во текот на животот, додека 39.000 детски бракови се случуваат секој ден во светот.
Повеќе од 800 жени умираат за време на бременоста и породувањето секој ден во светот и 232 милиони жени сакаат да ја спречат бременоста, но немаат можност да користат модерна контрацепција. Самитот има за цел да ги реши тие проблеми.
– Главната визија на ИЦПД – развој каде луѓето се на прво место, пристапот до здравствена заштита, образование и човечко достоинство да биде еднаков за сите луѓе – ја нагласува визијата за Агендата 2030 година, истакна заменик генералниот секретар на ОН, Амина Мохамед на отворањето. – Резултатите од Програмата за акција мора да водат напред. Нашата заедничка рамка за луѓето, планетата, просперитетот, мирот и партнерството зависи од тоа, додаде таа.
Во земји со ниски и средни приходи, Комисијата на Гутмахер-Лансет за 2018 година проценува дека трошоците за задоволување на сите потреби на жените за контрацепција, грижа за мајки и новороденчиња (без третман и грижа за ХИВ) годишно изнесуваат 13 американски долари по глава на жител. Тоа е сигурно нешто што светот може и мора да си го дозволи.
– За жал, со децении наназад, милиони жени во светот се уште немаат право на контрола над своите тела, со тоа и контрола врз својата иднина. Пристапот до услуги за сексуално и репродуктивно здравје што ќе овозможат да го контролираат времето, бројот и периодот кога и дали ќе имаат деца, им е ограничен. Поради тоа милиони девојчиња остануваат без образование, нивното здравје страда и со тоа им се оневозможува заработка и контрола над сопствен приход. Тоа не само што ги задржува во развојот, туку и го забавува развојот на сите, нагласуваат говорниците.
Самитот се фокусира на пет главни теми: Сексуално и репродуктивно здравје како дел од универзална здравствена заштита, финансирање потребно за реализирање на сите цели на Акциската програма на ИЦПД, демографска разновидност и нејзината моќ да го води економскиот раст и одржливиот развој, мерки за прекин на родово базирано насилство и штетни практики и право на сексуална и репродуктивна здравствена заштита, дури и во хуманитарни и ранливи контексти.
Во изминатите 25 години од ИЦПД, се повеќе жени се на високи позиции каде се донесуваат одлуки – во влади, законодавство, цивилно општество, академии, медиуми и други институции со моќ и влијание.
– Меѓународната конференција за население и развој во Каиро го започна притисокот да се стават жените и девојчињата во центарот на глобалниот развој. Таа визија на ИЦПД е се уште далеку од реалноста и тој пат, што почна пред 25 години во Каиро, се уште не е одминат, нагласи извршниот директор на УНФПА, Наталија Канем на почетокот на самитот. – Сега е време да ја завршиме таа недовршена работа, потенцира таа.