Вработените во основното, средното и во високото образование ќе го добијат новото покачување на платите од 10 проценти од 1 јануари 2020 година, договорено е на денешната средба во Министерството за образование и наука помеѓу ресорниот министер Арбер Адеми и претставниците од Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) предводени од нивниот претседател Јаким Неделков.
По едно и полчасовната средба министерот Адеми изјави дека се работи за историски момент затоа што ова е дополнително, трето покачување по оние што наставниците ги добија минатиот и овој септември од по пет проценти, нагласувајќи дека кумулативно платите се зголеми од 21,3 проценти во еден мандат.
За поместувањето на исплатата за три месеци порано, во јануари наместо во април како што беше претходно предложено, во Буџетот ќе бидат одвоени дополнителни 1,4 милијарда денари.
Адеми рече дека наставниците заслужуваат повисоки плати и дека секогаш МОН ќе биде на нивна страна, но дека засега се тие можностите. Тој потсети и на одлуката за зголемување на платите на вработените во седум јавни научни институти за 25 проценти која Владата ја донесе пред две недели, како и дополнителна исплата на минат труд за овие вработени, сметано од октомври.
– Третото покачување за 10 проценти ќе се засмета од 1 јануари 2020 година, и тоа за основно, средно и високо образование. Оваа одлука ќе го врати дигнитетот на наставничката и професорската професија и ќе создаде сатисфакција кај сите вработени во дејноста образование. Горд сум што заедно со премиерот Зоран Заев во овој период интензивно преговаравме и се консултиравме со претставниците на СОНК да има плати со кои професијата наставник ќе биде достоинствена. И во наредниот период ќе продолжиме да го подобруваме материјалниот и социјалниот статус на сите вработени во образованието и ќе бидеме фокусирани да се подобрат и законите со кои ќе влијаеме на мотивираноста на вработените, истакна Адеми по средбата со претставниците на СОНК.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков е задоволен од исходот на, како што рече, последната рунда преговори по неколкуте досегашни средби со министерот за образование.
– Нашето барање за отпочнување на зголемувањето на платите од 1 јануари 2020 година денеска и официјално беше прифатено од МОН. Имавме мачен период со тешки преговори со МОН и со Владата, се обидувавме на конструктивен и заемно прифатлив начин, со аргументи да изнајдеме решение за подобрување на социјалниот статус на сите вработени во дејноста образование, истакна Неделков, додавајќи дека е важно што со постигнатиот договор нема да се активира штрајкот што беше најавен за 11 ноември.
Нагласи дека постигнатиот договор денеска не е затворање на прашањето за статусот на наставниците, туку е почеток на нови конструктивни преговори за дополнителни прашања за други проблеми на вработените и членовите на Синдикатот, како што е регресот за годишен одмор, враќање на реални трошоци за превоз до работното место и назад, реалното вреднување на работата во комбинирани паралелки, реално исплаќање на дополнителни часови во наставата итн.
– Ние денеска завршуваме период на преговори, но тоа задоволство не треба еуфорично да го прифатиме, туку тоа задоволство треба да се манифестира во уште поголем притисок од нас како Синдикат за остварување на овие прашања, истакна Неделков.
На прашањето дали СОНК се согласил покачувањето да биде 10 отсто, со оглед дека првично бараше да биде пропорционално на растот на минимналната плата во државава, Неделков одговори дека очекува процентот на зголемувањето да биде повисок откако ќе се решат други барања, како што се придонесите за плати.
– Во овој момент оценивме дека не е возможно сега и веднаш да се изнајде такво решение, рече Неделков, додавајќи дека не би било добро за никого ако во понеделник влегле во генерален штрајк за во пакет да ги разгледуваат сите нивни барања. Нагласи дека социјалниот дијалог со МОН е конструктивен, дека СОНК е сериозен синдикат кој, како што рече, не сака по секоја цена да оди на штрајк и да преговара под принуда.