Претседателот на Собранието Талат Џафери отфрла можност за повторно свикување на Парламентот заради ратификацијата на Протоколот за НАТО, откако тој веќе ќе биде распуштен согласно со роковите за предвремените избори кои се закажани за 12 април.
Џафери во интервју за Македонската радио-телевизија вечерва појасни дека Изборниот законик предвидува 60 дена за спроведување на изборите. Според него, не може да се прави аналогија за парламентарните избори со изборот на Претседалот на државата, кому кога му престанува функцијата по кој било основ, Уставот пропишува 40 дена.
-Кога ќе дава можност Уставот и законот Собранието да функционира како техничко, секако ќе може да се спроведе. Уставот и законот не предвидува техничко Собрание. Со самораспуштањето пратениците и Собранието одлучуваат да го вратат мандатот кај граѓаните и да се излезе на избори и да се бара нов мандат. Од одлуката дека е распуштено, Собранието нема мандат. Ситуациите кога може да се собере Собранието во итни потеби ги пропишува Уставот и Уставот пропишува соодветни надлежности во такви ситуации на претседателот на државата, но точно се знае во кои услови и предуслови. Значи, во случај на воена состојба, вонредна состојба, законодавецот и уставотворецот предвидел таква ситуација, вели Џафери.
Додаде дека не може како институција да се раководи од хипотезата што ќе се случи во Шпанија, една од трите земји каде се уште не е ратификуван Протоколот за нашето членство во НАТО, а каде на 10 ноември се закажани вонредни избори.
-Според нивниот роковник, на 3 декември треба да има конститутивна седница. Тоа не значи дека на крајот на декември ќе има состав на влада. Без оглед на тоа, ние не можеме да се раководиме од таа хипотеза што ќе се случи таму. Ако е намерата да чекаат исход од нивните избори, тогаш и датумот за избори уште при преговарањето на политичките партии кај претседателот требало да се раководи од тоа да остават простор да чекаат што ќе се случи со Шпанија па да определат дополнително датум во зависност од случувањата таму, рече Џафери.
Според него, не може да се свикува распуштен Парламент и ако се спроведе спротивно на она што е пропишано, постои, како што рече, ризик тоа да падне пред Уставен суд ако некој покрене иницијатива.
Џафери рече дека има сознанија дека во Франција процедурата со ратификацијата треба да заврши во текот на овој месец.
Претсдеателот на Парламентот со став и дека измената на изборниот модел е работа на политичка дебата и оти за тоа е потребен консензус и надминување на политичките разлики.
Оцени и дека во пресрет на предвремни избори и во очекување на мајскиот самит на ЕУ, не би било соодветно да се влезе во таква дебата која, како што рече, очигледно би создала клима на недоразбирање и би пратила лоша слика кон меѓународните партнери.