Собранието расправа за измените на Законот за вино

Собранието на Република Северна Македонија во рамки на денешното продолжение на 116-тата седница ја почна расправата по Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за вино, во второ читање, со кој се олеснуваат условите за производство на вино на малите винарии и на физичките производители.

На малите винарии, кои произведуваат до 100.000 литри вино годишно, им се дава можност да работат со ангажиран енолог, а не како досега да мораат да имаат вработено дипломиран енолог, додека физичките лица ќе можат да произведуваат вино со било какво завршено средно образование.

Панчо Минов од ГРОМ во своето обраќање го поздрави носењето на измените иако, како што рече, не му биле прифатени неколку амандмани кои биле во насока на подобрување на понуденото законско решение. Тој посочи дека му било кажано дека законското решение ќе биде допрецизирано со правилниците, кои според министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски треба да бидат донесени за два до три месеци.

Павлинче Честојнова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека измените на законот не носат ништо добро за лозарите, туку ќе бидат нова уцена за нив и ново девалвирање на нивната работа, како и огромен ризик за лозарството во земјава.

– Измените треба да им помогнат на винариите, но никако при тоа да им наштетат на лозарите. Во овој случај повторно на лозарите им се нанесува штета, рече Честојнова и побара годинава да се прогласи за елементарна непогода и лозарите да бидат 100 проценти обесштетени поради штетите што им ги нанесе сушата на лозовите насади.

Во реплика министерот Димковски и посочи дека измените се правени во соработка со Здружението на мали винарии, продавачите на вино и лабораториите кои прават анализи за грозје и вино и додаде дека се во насока да овозможат малите винарии да влезат во инвестиции. Тој додаде дека лозарството и винарствотосе поврзани и нагласи дека измените не се правата на штета на никого.

За Трајчо Димков од ВМРО-ДПМНЕ со можноста во лоши години да се додава концентрирана шира во виното на барање на две третини од винариите се остава сомнеж дека ќе се наруши долгогодини градениот мит за квалитетот на македонското вино и грозје. Тој побара изедначување на терминот лоша година за винариите и лозарите, односно кога е прогласена лоша година да важи и за лозарите, а не само за винариите.

Весна Пемов од ВМРО-ДПМНЕ се согласи дека измените на Законот за вино се на штета на лозарите и додаде дека е крајно време да се направи закон за лозаропроизводителите.

– Измената оди во прилог на винарарските визби и му штети на митот за квалитет на македонското вино. Со можноста да се додава концентрирана шира во виното во лоша година им се штети на лозарите на кои на тој начин ќе им се намалува откупната цена за грозјето со што  им се загрозува нивната иднина и се губи интересот за производство, рече Пемова.