Претставници од научната и стручната фела од патната инфраструктура од 15 држави се најавени на Првиот македонски конгрес за патишта, што ќе се одржи денеска и утре во Скопје.
На конгресот ќе се дебатира на темите: Планирање и проектирање, Управување, изградба и одржување, Безбедност на сообраќајот на патиштата, Заштита на животната средина и одржлив развој, Инфраструктурни објекти, Транспортна политика и финансирање, ИТС и нови технологии во сообраќајот, Слободни и сродни теми од областа на патишта и презентација на нови проекти.
Конгресот го организира Друштвото за патишта „Виа Вита“ во соработка со ЈП за државни патишта, Градежниот факултет од Скопје, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Комората на овластени инженери, ЈП „Македонијапат“ – Скопје, РСБСП и Инженерската институција на Македонија. Генерален покровител на настанот е премиерот Зоран Заев.
– Во нашата земја, како и во регионот, во тек се значајни инвестиции во областа на патната инфраструктура. Големината на инвестицискиот циклус во патната инфраструктура кој се одвива во РС Македонија е во висина од преку милијарда евра, изразена преку изградба на два автопатишта, неколку експресни патишта и повеќе регионални патишта. Оттука станува јасно дека изградбата на овие патишта, како и управувањето и одржувањето со нив, а секако и на постојната патна мрежа, претставува исклучително комплексна инженерско-економска задача. Оваа исклучително одговорна задача поставена пред сегашната генерација градежни инженери по патишта бара квалитетно планирање, проектирање и градење, базирано на најнови научно-стручни сознанија, користење современи материјали и технологии, како и соодветна контрола, оцени во интервју за МИА во пресрет на конгресот Горан Милевски, претседател на Друштвото за патишта.
Конгресот се организира по повод 50 години од основањето на Друштвото за патишта, како и јубилеите – 70 години од основањето на Градежниот факултет – Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.