Инспекторите во Делчевско ќе го санкционираат користењето штетен материјал за огрев

Со цел да се спречи загадување на амбиенталниот воздух и за почиста животна средина, а согласно Законот за амбиентален воздух, комуналните инспектори од Одделението за инспекциски надзор при Општина Делчево со засилени инспекциски контроли ќе го надгледуваат затоплувањето на индивидуалните и деловните објекти, кои како огревен материјал користат гуми, стиропор, пластика, текстил, отпадни масла и секаков вид друг отпад.

Како што информира Љупчо Симоновски, инспекциските служби ќе вршат вонреден инспекциски надзор, посебно во инсталациите, каде има значителни емисии во амбиенталниот воздух.

– Во врска со оваа проблематика во петокот на 1 ноември 2019 година се одржа состанок во Владата кој го одржа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. На состанокот присуствуваа инспектори за животна средина и комунални редари од сите општини. Главен заклучок кој беше донесен за итно делување е тоа што во наредниот период сите општини се должни да организираат мобилни екипи, кои ќе работат на оваа проблематика и после работното време. Во тие екипи ќе бидат вклучени сите инспектори, како и комунални редари со цел да се спречи недозволеното горење на тие недозволени средства, истакна Симоновски.

Делчевскиот комунален инспектор апелираше до правните и физички субјекти да го почитуваат Законот за амбиентален воздух, во спротивно, истите ќе бидат санкционирани со изрекување на предвидените парични казни.

– Сите текстилни фабрики се задолжени да изготват елаборат за животна средина во кој елаборат е пропишано со кое огревно средство се затоплува. Притоа да спомнам дека казните по законот за животна средина изнесуваат околу 3000 евра, додека казните според Законот за јавна чистота се мандатни и се во висина од 200 евра. Ги замолувам граѓаните да престанат да ги користат тие недозволени средства за затоплување, бидејки со согорувањето на тие текстилни отпадоци и пластика се испуштаат доста опасни канцерогени супстанци, кои првин се штетни за самите нив, а потоа и за сите граѓани, додава Симоновски.

Во таа насока од Одделението за инспекциски надзор издадоа наредба со која им се забранува на текстилните фабрики снабдување на физички лица со неупотреблив текстил. Како дел од придржување кон овие мерки за спречување на загадувањето, во рамки на посочените активности се забранува и палење сува трева, стрништа и растителен отпад, се со цел превентивно делување и спречување пожари.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *