Нимиц ја почнува посетата на Атина, в среда во Скопје

Медијаторот на Обединетите нации меѓу Македонија и Грција за спорот со името Метју Нимиц денеска ја почнува посетата на Атина, во рамки на обновените преговори меѓу двете земји за решавање на ова отворено прашање, кое претставува препрека за членството на земјава во ЕУ и НАТО.

Нимиц доаѓа во посета на двете земји по првата директна средба на премиерите Зоран Заев и Алекис Ципрас, минатата недела во Давос, на која тие договорија отстапки на двете страни, подигнување на преговорите на ниво на шефови на дипломатии, но и цврста заложба за интензивирање на процесот за решавање на спорот за името.

Медијаторот ќе има разговори најпрво со грчките, а потоа и со македонските власти и по координацијата по прашањето за името, која изминатите денови и Ципрас и Заев ја имаа со државно-политичкиот врв во нивните земји.

Тој на покана на власите во двете земји, најпрво ќе има средби со државно-политичкиот врв на Атина, на кои се очекува да биде информиран за напорите на Владата на премиерот Алексис Ципрас да ја усогласи позицијата во однос на начинот на решавање на спорот со политичките чинители во земјата.

Ципрас во саботата и петокот имаше серија средби со државно-политичкиот врв за координирање на позицијата за прашањето за името, при што по нивното завршување излезе со заклучок дека се обврзува во следниот период со патриотска одговорност да се стреми кон заемно прифатливо решение. Грчкиот премиер оцени дека е направен напредок, но додаде се уште е долг патот до договор

Нимиц, согласно неговата агенда, која и официјално беше потврдена, се очекува на 31 јануари да пристигне во Скопје, а веќе следниот ден се предвидени средбите со државниот врв.

На средбите тој ќе биде информира за заклучоците од координативната средба на државно-политичкиот врв, што се одржа во саботата за неговите предлози, од која Заев изрази оптимизам за национален консензус, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски излезе со став дека одговорноста сега е во рацете на Владата, но и оти партијата смета дека спорот треба да биде решен, а при тоа да се заштитат  државните и националните интереси.

На последната рунда разговори за името што се одржа на 17 јануари во Њујорк медијаторот Нимиц излезе со сет сугестии и предлози и оцени дека на повидок е решение на долгогодишниот спор меѓу Грција и Македонија.

Првата рунда на обновените преговори меѓу Македонија и Грција се одржа на 12 декември минатата година во Брисел.