Отворен Саем на книгата во Кочани

Во општинската библиотека „Искра“ во Кочани почна манифестацијата Саем на книгата, што годинава се одржува по четиринаесетти пат.

На саемот што ќе трае пет дена, изложени се близу две илјади наслови од 15 издавачки куќи од државата, а застапена е литуратура од различни жанрови, наменета и за младата и за повозрасната читателска публика.

-Саемот на книгата во библиотеката „Искра“ е еден од поголемите во регионот и традицонално привлекува голем број посетители, пред сè ученици од нашата и соседните општини, но и повозрасни читатели. Како придружна содржина на манифестацијата, годинава организиравме и претставување на творештвото на Милијана Павловска која има издадено 12 романи и е прогласена за најчитан домашен автор во 2019 година, истакна Мара Анастасова, библиотекар во „Искра“.

Анастасова, додаде дека на книжевната манифестација во Кочани издавачите нудат саемски попуст што е одлична можност граѓаните да ги збогатат своите домашни библиотеки, а досегашното искуство покажало дека за време на манифетсацијата се продаваат по околу три илјади книги.

Во рамки на Месецот на книгата, во библиотеката „Искра“ веќе се одржа натпреварот „Млади библиотекари“, а за наредниот период се најавува поетско читање и промоција на дела од роднокрајни автори.