Конференција за проширување на европската инфраструктура на архиви на податоци од општествените науки

Во организација на Европскиот конзорциум на архиви на податоци од општествените науки (CESSDA ERIC) и Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, денеска и утре во Скопје ќе се одржи конференција на тема „Зајакнување и проширување на европската инфраструктура на архиви на истражувачки податоци од општествените науки“. 

На конференцијата ќе учествуваат директорот на CESSDA ERIC, Рон Декер, и претставници на архивите на податоци од повеќе од 20 европски земји.

Овој настан го одбележува и неодамнешното пристапување на Република Северна Македонија, претставувана од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања во Скопје, кон овој значаен истражувачки инфраструктурен конзорциум во Европската Унија.

Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања работи на меѓународни проекти во оваа област од 2015 година. Во април годинава Министерството за образование и наука го назначи Институтот за национална институција што ќе архивира истражувачки податоци од општествените науки во Северна Македонија, по што во јуни годинава Северна Македонија стана членка на CESSDA ERIC.

На конференцијата, како што е најавено, ќе присуствуваат министерот за образование и наука Арбер Адеми, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, проф. д-р Никола Јанкуловски, и директорката на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, проф. д-р Бојана Наумовска.