Салата „Партизан“ се враќа во владение на Општина Карпош

Спортската сала „Партизан“ се враќа во владение на Општина Карпош. Во прашање се денови на доделување и завршување на сите формално-правни процедури. Ова е победа на урбаното, модерното, на традицијата, на спортот, победа за „Партизан“ како препознатлив бренд на Карпош и на нашиот Град Скопје. Ова денеска го соопшти градоначалникот на Карпош Стефан Богоев на одбележувањето на 43 години од основањето на оваа Општина.

Тој потсети дека спортската сала „Партизан“ е објект стар 50 години, претставува симбол на светската солидарност, донација на францускиот народ. Денеска, како што рече, за жал е обележје на нашата општествена неодговорност.  Изрази надеж дека по завршувањето на неговиот мандат, „Партизан“ и паркот долж реката Вардар ќе бидат главните обележја на општината.

– Карпош е општина која не беше погодена од катастрофата „Скопје 2014“. Ние ја задржавме нашата автентичност и дух. Со преименувањето на „Мексичка“ како да сакаа да не доближат кон актуелното и вештачкото. За среќа, наскоро Тафталиџе повторно ќе си ја добие улица „Мексичка“, рече Богоев.

Богоев нагласи дека Карпош е расадник на квалитетни ученици и смета оти треба уште повеќе да се инвестира во предучилишното и основното образование. Порача Општина Карпош да продолжи да оди напред, да биде лидер по капитални проекти и инвестиции, заедница за сите.

Со одлука на Советот на Општина Карпош, Бранко Огњановски познат како Миле Паника е добитник на плакета за заслужен граѓанин за минатата година. Наградата му се доделува бидејќи е креатор на  „К 15“ и на „Фчерашни новости“ кои, како што рече Богоев, се хумористични емисии кои имаат за цел да бидат коректив на политичките партии, власта и да го подобрат општеството.

На чествувањето на 43-от роденден на Општина Карпош под слоганот „Со љубов за Карпош“, присуствуваа вицепремиерот и министер за одбрана Радмила Шекеринска, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски, поранешни и сегашни градоначалници, советници, претставници од основните училишта и градинки…Настапија талентирани ученици, а претседателот на Советот на Општина Карпош Андреј Манолев им додели стипендии на талентирани ученици од сите основни училишта од Општианата.