Десет години постоење АСО – осигурителниот пазар стабилен со силен раст и развој

Осигурителната индустријата во последните 10 години бележи силен раст и развој со највисоки стапки на пораст во споредба со земјите во регионот, оцени претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето Климе Попоски на денешното одбележување 10 години од постоењето на АСО.

– Во овој период на 10 години од постоење на Агенцијата за супервизија на осигурување можеме да кажеме дека имаме стабилен функционален пазар на осигурување со висока ниво на капитализираност на друштвата за осигурување со квалитетни финансиски инструменти, со адекватно ниво на издвоени технички резерви што претставуваат гаранција за стабилноста на осигурителниот сектор во нашава земја, истакна Попоски.

Тоа, според него, укажува дека осигурувањето има голем потенцијал и е препознаено од страна. пред се. на странски осигурителни групации, бидејќи, како што рече, ние сме една од ретките земји што имаме силно присуство на осигурителни групации со седиште во ЕУ.

Тој потенцира дека се забележува силен раст и оваа година, соопштувајќи дека податоците со третиот квартал годинава укажуваат дека имаме вкупен пораст од 7,2 проценти во остварените премии од продажба на полиси за осигурување.

Според податоците, во сегментот на неживотно осигурување има пораст од шест проценти, додека во осигурувањето на живот има двоцифрена стапка на пораст од 12,5 проценти.

Министерката за финанси Нина Ангеловска обраќајќи се на настанот посочи на влијанието на дигиталната технологија врз осигурителната индустрија.

– Интернетот и онлајн можностите ги сменија навиките во осигурувањето. Само со неколку клика купуваме осигурителна полиса каде и да сме. Агентите повеќе ја играат улогата на едукатори кои треба да го обучат клиентот како онлајн да ја купи полисата и за тоа да бидат наградени, наместо за печатење и носење на полиса до клиентот, рече министерката, додавајќи дека се уште нема можности за комплетно да се заменат агентите за различни видови осигурувања.

Според неа, примената на дигиталните технологии не е веќе прашање на одлука на осигурителните компании, затоа што, како што рече, трката е веќе почната, а тие што нема да ја прифатат на време ќе ги чувствуваат последиците.

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи потенцира дека за осигурителниот сектор е веќе воспоставена солидна законска и институционална рамка и соодветно е транспонирано релевантното право на ЕУ и дека за континуираниот напредок во усогласување на осигурителен пазар во Република Северна Македонија со европските стандарди се извештаите на ЕК во кои јасно се препознаваат спроведените реформски активности.

– Напредокот во оваа област, како и досегашната усогласеност, не е изолиран случај, бидејќи практично во сите области Република Северна Македонија континуирано се усогласува со ЕУ, и институционално се поврзува со земјите – членки, па од тука ние веќе сме внатрешен дел на Унијата, а не надворешен и прашањето на методологија, начинот, времето на пристап не може да го смени фактот дека ние недвосмислено одиме кон целосно членство во ЕУ, нагласи Османи.

Минатата година остварена е бруто полисирана премија во вкупен износ од 9,9 милијарди денари, или просечен годишен раст од 5,5 отсто. Последните податоци, заклучно со вториот квартал на 2019 година покажуваат дека на пазарот на осигурување активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека пет осигурување на живот. Исто така, делуваат 36 осигурително-брокерски друштва, 11 друштвата за застапување во осигурување и шест деловни банки кои делуваат како застапници во осигурување.