„Рурална коалиција“: Поголема транспарентност при доделувањето на државното земјоделско земјиште

Поголема транспарентност и поедноставување на постапките за аплицирање, се клучните барања на земјоделците за распределбата на државното земјоделско земјиште, покажува последното истражување на невладината организација „Рурална коалиција.

Според Лилјана Јоноски од „Рурална коалиција“, резултатите од истражувањето со кое биле опфатени над 100 земјоделци од Североисточниот и Пелагонискиот регион, покажуваат и дека земјоделците аплицираат за големи површини што е добро за окрупнување на земјоделското производство.

-Дури над 90 проценти од земјоделците аплицираат за доделување државно земјоделско земјиште и тоа за поголеми површини, најчесто за пет до 15 хектари, што е стратегиска определба на државата и на аграрниот сектор, односно, окрупнувањето на земјоделското земјиште. Но, 46 проценти од испитаните земјоделци истакнаа дека информациите за распределба на земјиштето ги добиваат преку лични контакти или познаници од иснтитуциите. Сѐ уште треба Министерството и институциите надлежни за ова, да вложат многу поголеми напори за транспарентноста при повиците, рече Јоноски.

Се потврди, додаде, дека електронското најавување на повиците не е доволно и треба да се посвети многу поголемо внимание, особено за добивање информации кои катастарски парцели се слободни.

-Произлезе дека тоа е еден од главните проблеми за земјоделците. Во натамошната постапка, производителите се соочуваат со проблемот дека не знаат кои се членовите на комисијата за доделувањето на земјоделското земјиште, а во комисијата еден од членовите треба да биде претставник на земјоделците. Така, дури 89 насто од земјоделците не ги знаат членовите на комисијата кои често не ги знаат локалните специфичности, па се случува различни парцели, во различни атари да се доделуваат на различни земјоделци, што доведува до расцепкување на земјиштето и еден земјоделец има две-три парцели во еден атар, а друга парцела е во друг атар. Тоа создава трошоци во производството, објасни Јоноски.

Според анализата на „Рурална коалиција“, земјоделците сметаат и дека се уште постои узурпација на државното земјоделско земјиште, а слаб е  и инспекцискиот надзор.

-Високи 77 проценти од земјоделците сметаат дека сѐ уште постои узурпација на државното земјоделско земјиште и дека има злоупотреба на веќе доделеното државно земјиште. Инспекциите не се доволно на терен. Тоа упатува на фактот дека или доделеното земјоделско земјиште не се обработува воопшто, а се земаат субвенции, а она што е слободно земјоделско земјиште се узурпира од локални моќници или пак, од локални моќни земјоделски капацитети за што се нема договор. Земјоделците упатија на тоа дека еднаш доделеното земјиште се става во подзакуп, што законски не е дозволено или закупнината за доделеното земјиште до 31 јули не се плаќа. Сметаат дека нема ревизија, иако во одредени региони тие ревизии се прават за да се раскинат договорите и веќе доделеното земјоделско земјиште да им се додели на вистинските земјоделци, вели Јоноски.

Оценка на земјоделците, покажало истражувањето, е и дека електронската аукција е тежок и комплициран процес за нив. Затоа апелираат надлежните по службена должност да ги прибават одрдените документи за апликација.

Потребата од транспарентност ја потврдуваат земјоделците Николче Подигачоски од прилепско Мало Коњари и Дејан Јовески, земјоделец од Прилепско.

-Имам аплицирано на тендерите за добивање земјоделско земјиште, но ме одбија и не добив никакво образложение. Земјиштето во мојот регион се доделува транспарентно и го користат вистинските земјоделци, но најголемиот проблем е што тешко може да дојдеме до тендерите. Тешко може да разбереме кога и за која парцела има оглас, а најголемиот проблем е што е голема процедурата и има многу документи. Потребни се лица да ни кажат каква е процедурата и што и како може да добиеме, изјави Подигачоски.

-Корисник сум на државно земјоделско земјиште, сум аплицирал на поранешни тендери. И сум добил. Инаку, добро е што не мора да се оди до Скопје на отворањето на апликациите. Добро е да е електронски, ама да е транспарентно. Кај нас доделувањето е транспарентно и го користат вистинските земјоделци. Инаку, при објавувањето на огласите, во некои случаи сме запознати, во други дознаваме. Сите земјоделци не користат интернет и немаат време да следат што се случува. Треба да биде во медиумите, за пошироката јавност да дознае, рече Јовески.

Истражувањето на „Рурална коалиција“ е спроведено во рамки на проектот „Коалиција на граѓаните и медиумите, против корупцијата, коалиција за нулта толеранција“, финансиран од „Транспарентност Македонија“ и од НВО „Инфоцентар“.