Три тетовски села не дозволуваат изградба на хидроцентрала на Вратничка Река

Жителите на Вратница, Старо Село и Орашје остануваат на ставот дека нема да дозволат да се гради мала хидроцентрала на Вратничка Река и по средбата со инвеститорот, претставници на Општината Јегуновце и Министерството за внатрешни работи.

Според локалните жители, инвеститорот се пожалил во полиција дека не може да гради на Вратничка Река, по што полицијата го контактирала градоначалникот и побарала состанок со локалното население за да се утврди состојбата.

– Жители од Вратница, Старо Село и Орашје истакнаа дека населението кое живее околу реката е под голем притисок со проектите за мини хидроцентрали и не можат нормално да живееат уште од летото 2013 година. Изградбата е спротивна на законот за води, се нарушува правото на водоснабдување, на вода за наводнување и на имоти на жителите. Проектите за мали хидроцентрали се изработени во канцеларија, а не на терен и институциите форсираат проекти за кои е констатирано дека немаат никаква основа за реализација, инфомираат од месната заедница Вратница.

Од месната заедница во известувањето до медиумите ги пренесуваат и ставовите на инвеститорот и на градоначалникот.

Инвеститорот истакнал дека треба да гради мини хидроцентрала на Вратничка Река и дека централата би се протегала од спојот на Љуботенска Река со Ливадичка Река (почеток на Вратничка Река) на север, па се до мостот во Вратница на југ.

– Градоначалникот, пак, ги поддржува жителите на Вратница, Старо Село и Орашје во борбата за зачувување на Вратничка Река. Го разбира инвеститорот зошто сака да гради, бидејќи и тој самиот е бизнисмен. Иако локалното население наведува 15-20 причини поради кои не треба да се гради на Вратничка Река, сепак градоначалникот кажува дека не е многу задоволен од одговорите, односно изнесените причини, наведуваат во известувањето до медиумите од месната заедница на Вратница.

Според месната заедница, можни се три исходи од целиот случај – локалното население да дозволи да се гради мини хидроцентрала, инвеститорот да се откаже од градење или државните институции да констатираат дека нема услови за градба и да го обесштетат инвеститорот за досегашните инвестиции.