Почна реконструкцијата на спортската сала ,,Младост” во Неготино

Почна реконструкцијата на спортската сала  ,,Младост” во Неготино. Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски рече дека се исполнува ветувањето за овој приоритетен проект.

-Ова е еден од  главните  приоритети на Агенцијата и Владата на Република Северна Македонија. Да ги тргнеме децата од негативните влијанија и да ги ставиме во салите, базените, во целосната спортска инфраструктура. Се со цел да спортуваат и практикуваат здрав начин на живот. Верувам дека со двата големи проекти во Неготино ќе ја подобриме спортската инфраструктура и ќе ги мотивираме младите да спортуваат, нагласи Каевски.

Градоначалникот Тони Делков изрази задоволство што се реконструира салата изградена со последниот самопридонес на неготинци.

-Со оваа огромна поддршка на Агенцијата со која имаме одлична соработка, заеднички успеавме да издвоиме средства и  ќе дадеме можност на сите да спортуваат овде. Се реконструираат кровот и подот, а во понатамошна фаза општината ќе одвои средства за доопремување на соблекувалните, дел од електричната мрежа која е застарена, рече Делков.

Реконструкцијата чини 12 милиони денари. Се очекува салата да биде ставена во функција во најкус рок, почеток на март 2020 година.

Во овој спортски комплекс, општината заедно со Агенцијата има подготвено документација за детски базен, кој, како што нагласи градоначалникот, е од клучно значење за Неготино.