Годинешново издание на Струмичкиот карневал ќе се одржи од 14 до 21 февруари. Организациониот одбор ја објави програмата, а традиционално карневалот почнува со Детскиот маскенбал на 14. февруари.
Наредниот ден е резервиран за Концертот под маски на Музичкото училиште „Боро Џони“ од Струмица, како и за објавување на резултатите од темата за проза и поезија за карневалот во организација на Библиотеката „Благој Мучето“. На вториот ден ќе биде отворена и изложбата на фотографии од минатогодишниот карневал.
В петок, на 16 феваруари е свеченото отворање на Струмичкиот карневал 2018 со одржувањето на традиционалниот маскенбал, на кој се избираат принц и принцеза на Карневалот, кои заедно кралската свита ќе ја предводат големата интернационална карневалска поворка на главната карневалска вечер на 17. февруари во 18:30 часот. Поворката од над две илјади учесници ќе се движи по улицата на Струмица, а завршните настапи групите од Македонија и странство ќе ги имаат на плоштадот „Гоце Делчев“ пред жири комисијата.
Празникот Прочка на 18 февруари, в недела, е резервиран за Детскиот карневал, на кој најмладите ќе продефилираат во маските на нивните омилени јунаци од филмовите и бајките.
На Чист Понеделник, 19. февруари, карневалските празнувања продолжуваат со варење и консумирање на традицоналниот бел грав, а ќе бидат објавени и резулатите за најуспешните маски од интернационалната карневалска вечер. Во НУЦК „Антон Панов“ во Струмица ќе биде отворена и традиционалната изложба на карикатури и афоризми и ќе бидат доделени наградите на најуспешните.
Претпоследниот ден е резервиран за доделување на наградите од Интернационалната карневалска вечер и одржување на Тримерска карневалска вечер.
Карневалот завршува на 21. февруари со одбележување на Тримерските обичаи и со концерт на Ансамблот „Тримери“ од Струмица.