Здружението на судиите избра членови на телото за етика

Управниот одбор на Здружението на судиите на Република Македонија, на денешната седница ги избра членовите на Советодавното тело за судиска етика.

Ова тело, како што информираат од Здружение на судии, е предвидено во рамки на Кодексот на судиска етика на судиите на Република Македонија и има советодавен карактер за прашања кои се однесуваат на повреди на принципите на Судискиот кодекс.

Советодавното тело брои седум членови, а денеска беа избрани шест члена од предложените кандидати по пат на поединечно изјаснување на членовите на Управен одбор. Во однос на седмиот член, предложен од подружницата на Врховниот суд на Република Македонија, Управниот одбор дополнително ќе се произнесе, се наведува во соопштението на Здружението.

На денешната седница Управниот одбор расправаше и за Предлог на законот за измени и дополнувања на Закон за судови и Предлог на законот за измена и дополнување на законот за Судски совет и притоа членовите на Управниот одбор ги искажаа своите забелешки кои ќе бидат составен дел на забелешките што треба да пристигнат од подружниците на Здружението на судии на РМ, кои ќе бидат доставени до Владата на Република Македонија

Како што се посочува во соопштението, и на оваа седница Управниот одбор расправаше за платите и останатите статусни прашања на судиите и донесе заклучок да се преземат дополнителни активности со цел доследно почитување на Законот за платите на судиите.