Средба на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски со рускиот амбасадор Шчербак

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, оствари средба со амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак.

На средбата се разговараше за односите на Република Македонија со Руската Федерација како и за актуелната политичка  и економска состојба во Македонија.

Мицкоски во разговорот го информираше својот соговорник за реваншизмот кој власта го спроведува кон опозицијата, односно дека неоправдано во притвор од страна на актуелната власт се држат 6 пратеници од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, што претставува 12% од самата коалиција или 5% од вкупниот број на пратеници.

Од страна на претседателот Мицкоски беше нагласено дека и покрај забелешките кои ги имаше Народниот правобранител за начинот на притворање и целата процедура со која се спроведуваа народните избраници до судот, до сега нема никаква одговорност од страна на актуелната власт.

Мицкоски со амбасадорот на Руската Федерација Олег Шчербак разговараше и за економските проблеми со кои се соочува Македонија по доаѓањето на новата власт, односно за економските показатели кои се во надолен тренд изминативе неколку месеци.