Албански медиуми: Макрон наскоро во Тирана и Скопје

Францускиот претседател Емануел Макрон кој на Самитот на ЕУ стави вето за отворање преговори со Албанија и Северна Македонија, наредниот месец ќе ги посети двете земји, објавуваат денеска албанските медиуми.

Самиот Макрон на прес-конференцијата што ја одржа по Самитот на ЕУ во Брисел, најави дека планира да дојде во Скопје и во Тирана на средби со премиерите Зоран Заев и Еди Рама.

Посетата на Макрон на двете земји ја потврдиле дипломатски извори во Тирана за Exit.al. И албанскиот премиер Еди Рама, по денешната средба на раководството на неговата Социјалистичка партија, кажал дека наскоро ќе има многу значајни средби, меѓи кои и со Макрон, без да открие повеќе детали.

Албанските медиуми наведуваат дека како знак на поддршка од официјален Париз, во Тирана е отворена канцеларијата на Француската агенција за развој, која ќе работи на развојни проекти во Албанија.

Потсетуваат дека Макрон планирал да дојде во Албанија во есента 2018 година, во рамките на балканска турнеја, но посетата била откажана.

Засега нема официјална потврда за посетата на францускиот претседател на Албанија и на Северна Македонија.