Почна аплицирањето за субвенции за млеко и за заклани несилки предадени во преработувачки капацитети

Почна аплицирањето за субвенции за произведено и предадено млеко за периодот од мај до септември годинава. Висината на субвенцијата за овчо и козјо млеко изнесува 4,5 денари по литар, а за кравјо млеко 3,5 денари по литар.

Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој денеска информираа дека млекопроизводителите може да ги поднесуваат барањата електронски најдоцна до 5 ноември.

До 5 ноември е и рокот за поднесување барања за субвенции за амортизирани несилки заклани во регистрирани кланични капацитети во период мај – септември 2019 година. Висината на поддршката за оваа мерка е 125 денари за заклани и предадени несилки.

– Сите кои имаат произведено и предадено млеко од мај до септември оваа година или во истиот период имаат одгледани и заклани несилки, од денеска до 5- ти ноември ќе може своите барања да ги достават со најавување на веб страната на Агенцијата www.ipardpa.gov.mk на полето „Директни плаќања-е барање“. Откако ќе пристапат во системот, ќе може да го креираат електронското барање. Оние фармери кои не можат сами да креираат е-барање или имаат потреба од помош за креирање на барањата може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство или во Агенцијата за поттикнување и развој на земјоделството, појаснуваат од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.