Заев: Предвремени парламентарни избори на 12 април 2020

Учесниците на лидерската средба што вечерва се одржа во вилата „Водно“ на иницијатива на претседателот Стево Пендаровски, се договорија на 12 април 2020 година да се одржат предвремени парламентарни избори.

Како што соопшти премиерот и лидер на СДСМ по средбата, лидерите постигнале консензус предвремените избори да се одржат на 12 април следната година, поради што согласно договорот за т.н. Пржинска влада, тој ќе се повлече од премиерската функција на 3 јануари.

На средбата кај Пендаровски учествуваа лидерите на двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ Зоран Заев и Христијан Мицковски, а од партиите на Албанците присуствуваа првите луѓе на ДУИ, Али Ахмети, на БЕСА, Билал Касами, на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, на Алтернатива, Африм Гаши и на лидерот на ДПА, Мендух Тачи.

Претходно, како што информираше претседателот Пендаровски, лидерите присутни на средбата искажале јасен државен консензус дека стојат зад идејата Република Северна Македонија што е можно поскоро да ги почне преговорите за членство во ЕУ и што е можно поскоро да ги заврши преговорите и да стане полноправна членка на Унијата.