Одборот за доделување на наградата „13 Ноември“ на Град Скопје, денеска, по спроведеното тајно гласање, официјално ги соопшти добитниците на ова признание за 2019. Тајното гласање го спроведе Комисијата што ја именува Одборот, во следниот состав: претседател Вангелина Мојаноска и членови: Лорета Георгиевска-Јаковлева, Газанфер Бајрам, Севдаиљ Демири, Халил Зендели, Бранко Цветкоски, Виолета Томовска, Петре Арсовски, Роландо Кутиров, Љубиша Станковиќ и Даница Стојанова.
Од областа на науката се наградува Христина Спасевска, професор на Факултетот за електротехника и информациски технологии при „Универзитет Свети Кирил и Методиј“- Скопје за остварувања во науката, техниката и стопанството од областа – обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.
Од областа на хуманитарната активност признание добива Жикица Ѓорѓиевски, стоматолог за континуирана поддршка на лицата од социјален ризик.
Добитник на оваа награда од областа на културата е Дита Старова Ќерими, директор на Националната галерија, за посебен придонес во културата и севкупниот развој и афирмација на Град Скопје.
Од областа на уметноста се наградуваат Фросина Зафировска, кустос советник во пензија, за значајни достигнувања во областа на музејската дејност, визуелните уметности, архитектурата и дизајнот и диригентот Бисера Чадловска за континуирано успешно творештво во областа на музичката уметност.
Од областа на публицистиката наградата ја добиваат фотографот Ерина Богоева за изработка и издавање на монографијата со фотографии „Скопје-архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990)“ и Александар Трајковски, музички педагог, истражувач и публицист за значаен придонес во областа на културата, уметноста и литературата со објавувањето на книгата „Музиката во македонскиот игран филм од Фросина до Лазар“.
Од областа на спортот како правно лице се наградува Карате клуб „Работнички“ од Скопје за 50 години постоење и постигнати врвни спортски резултати на домашен и меѓународен план и спортистот Бесир Алили за освоено прво место на Европско првенство во борење за кадети.
Наградата „13 Ноември“ ја добиваат Ана Марија Атанасовска, ученичка во СУГС „Раде Јовчевски -Корчагин “- Скопје за постигнати резултати во воннаставни активностии и Стефан Стојковиќ, ученик во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин “-Скопје за успешни постигнувања во наставните и воннаставните активности и посебен придонес за афирмација на Град Скопје во светот.
Наградата на годинашниве добитници ќе им биде врачена на 13 ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
Наградата „13 Ноември“ се доделува на физички и правни лица како знак на признание на Град Скопје за остварувања во стопанството, науката, уметноста, културата, воспитанието и образованието, здравствената и социјалната заштита, спортот и физичка култура, техничката култура, заштитата и унапредувањето на животната средина и природата, како и во други сегменти на животот, трудот и творештвото, што претставуваат посебен придонес за развојот на Град Скопје и за неговиот севкупен напредок и афирмација во државата и во светот.
Наградата може да се додели и на физички и правни лица од други држави кои оствариле посебен придонес за Градот. Наградата се доделува и на ученици и студенти за творечки труд или континуирани успешни постигнувања во наставните и во воннаставните активности што претставуваат посебен придонес за напредок и афирмација на Град Скопје.