Република Северна Македонија во последниве две години направи низа важни чекори кон усогласување со стандардите на ЕУ. Правната и институционалната рамка за заштита на фундаменталните права во голема мера е воспоставена и реформите ја подобрија усогласеноста со европските стандарди за човековите права. Владата на РСМ јасно ја демонстрираше својата волја и решителност да ги спроведе и препораките на Европскиот комитет за спречување на тортура и да направи напредок во спречувањето на тортура и малтретирање.
Ова денеска, меѓу другото го истакнал министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во своето излагање на меѓународната конференција на тема „Спречување на нечовечко постапување од страна на полиција: справување со предизвиците кои произлегуваат од пресудите на Европскиот суд за човечки права и други институции при Советот на Европа”, што во организација на Советот на Европа се одржа во Будва, Република Црна Гора.
Тој нагласил дека Северна Македонија е докажан партнер на меѓународната заедница и ЕУ и укажал на тоа дека континуирано учествуваме во работата на меѓународните тела и организации, сите регионални и европски иницијативи поврзани со борбата против криминалот, заштитата, промоцијата на човековите права и изградбата на здрави, демократски општества.
– Решени сме и во иднина да продолжиме во тој правец, давајќи максимален придонес и во меѓународните иницијативи на ова поле, а со примарна цел за уште поефикасни заштита на човековите права и особено спречувањето на злоупотребите при постапувањето од страна на полицијата, рекол Спасовски, соопшти денеска МВР.
Во излагањето министерот Спасовски навел низа од досега реализирани проекти и активности на полицијата од областа на регулацијата на полициското постапување, притоа особено фокусирајќи се на тесната соработка со Советот на Европа, особено во делот на изработка на стандардни оперативни процедури на полициско постапување согласно полициските стандарди на ЕУ и стандардни оперативни процедури за внатрешна контрола на полициските прекорачувања и незаконски постапувања.
Спасовски подвлекол дека од септември 2016 година е отпочната со имплементација на проектот „Јакнење на почитувањето на човековите права при полициското постапување“ кофинансиран од страна на Европската унија и Советот на Европа.
– Основна цел беше да се воведе ефикасна контрола над работата на полицијата преку воспоставување на надворешен механизам. Во рамки на овој проект, беше избран двостепен модел на надворешна контрола т.н. „Обвинителство плус” што предвиде воспоставување на посебно одделение во рамките на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, специјализирано за кривични дела сторени од страна на вработени во МВР со полициски овластувања и од припадници на затворската полиција. Како и посебно надворешно тело (тело за граѓанска контрола или модел „Народен правобранител плус“), во смисол на дополнителен коректив, со надлежност да покренува постапка по барање на странката-жртва или на член на неговото семејство, или по иницијатива на претставници на невладиниот сектор, како и по сопствена иницијатива по добиени сознанија (допрен глас) за можни повреди на правото на живот и забрана на тортура, потецирал министерот Спасовски.
Во тој контекст нагласил дека од декември 2018 година отпочна со работа и Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција кое е позиционирано во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Притоа Спасовски посочил дека сиот овој механизам за надворешен надзор веќе дава резултати, илустрирајќи дека веќе во првите три месеци од своето формирање, наведеното Одделение постапуваше по предмети против 15 лица, од кои, против две лица е покренат обвинителен акт и за две лица е одреден притвор.
На конференцијата покрај претставници на Советот на Европа и Европската Унија присуствуваа претставници од земјите од регионот на југоисточна Европа.