Брегу: На граѓаните на Западен Балкан потребен им е поттик од ЕУ

Процесот на проширување на Европската унија не е наменет за политичарите, туку за граѓаните, а на жителите на регионот од Западен Балкан им треба поттик од ЕУ, порача денеска генералната секретарка на Советот за регионална соработка (РЦЦ), Мајлинда Брегу на 38 состанок на Одборот на оваа организација одржан денеска во Сараево.

 – Во очекување на официјалната одлука од состанокот на Европскиот совет на високо ниво за отворање претристапни преговори со Албанија и Северна Македонија, за нас во Советот за регионална соработка, како и за целиот регион е многу важно да се повтори дека Западен Балкан е составен дел од Европската Унија. Процесот на европските интеграции треба секогаш да се движи напред, а ефектите од негативната одлука нема да бидат воопшто лесни за регионот. Прв пат откако се мери нивното проевропско расположение, 56 отсто од граѓаните на Западен Балкан изразија поддршка за европските интеграции, што ни покажува дека овој процес не е процес за политичарите, туку за граѓаните. На граѓаните им е потребен поттик, рече Брегу.

Во однос на имплементирањето на Повеќегодишниот план за регионален економски простор и други реформски програми за економија Брегу истакна дека е најважно секој да ги исполнува своите обврски.

Нагласи дека не треба да се дозволи билатералните спорови да се прелеат на целиот процес на регионална соработка, која напредува секогаш кога постои политичка волја.

– Регионалната соработка е клучен елемент на европската перспектива на Западен Балкан. Декларацијата од Нови Сад претставува прилика за нов поттик на регионалната соработка. Важно е регионалните иницијативи да ги опфатат сите партнери од Западен Балкан и да се засноваат на претходно преземените обврски, пред се обврски во остварување на резултатите во спроведување на регионалниот економски простор пред Самитот во 2020 година. Советот за регионалната соработка може да помогне во тоа, порача таа.

Претставниците на ЕУ му честитаа на Советот за регионална соработка на досегашните импресивни резултати во работата, нарекувајќи ја оваа организација центар на регионална соработка. Ја пренесоа поддршката на ЕК на сите нови иницијативи насочени кон јакнење на регионалната соработка се додека тие се сеопфатни и не го попречуваат работењето на постоечките иницијативи, во чија имплементација Советот може да помогне.

Денешниот состанок на Советот беше обоен во розово, како симболичен акт на поддршка на жените и мажите заболени од рак на дојка и придонес за подигнување на свеста за оваа широкораспространанета болест.