Француските медиуми за противењето на Париз за старт на преговорите со Северна Македонија и Албанија

Медиумите во Франција му посветуваат големо внимание на противењето на Париз за почеток на преговорите за членство во ЕУ со Северна Македонија и Албанија, притоа изразувајќи неразбирање за позицијата на француската дипломатија и на шефот на државата Емануел Макрон, јави дописникот на МИА.

Парискиот весник „Ле Монд“ под наслов „Франција и Холандија им ја затворија вратата на Северна Македонија и Албанија“ наведува дека македонските и албанските дипломати во прв план го ставаат ризикот од дестабилизацијата на Европа доколку биде одложен стартот на преговорите.

Весникот потсетува дека Париз е осамен во Брисел во врска со Северна Македонија и дека Франција поради тоа била изложена на бројни критики.

„Еурактив“ наведува дека Франција „стави бариера на европското проширување“, а сервисот на „Еуроњуз“ на француски јазик оценува дека „Албанија и Северна Македонија ќе почекаат“.

Најтиражниот регионален весник во Франција, „Уест Франс“ нагласува дека Балканот добил „студен ветер од Франција“, наведувајќи дека Париз „ставил вето“ за двете земји.

Француското национално радио „Франс Интер“ во својот уводник најостро ја критикува позицијата на француската Влада, која според авторот е спорна. Во пет минутниот коментар авторот Жан Марк Фур се обидува да ја сфати и да ја образложи француската позиција, која му изгледа „неразбирлива и дискутабилна“. Уште на почетокот тој вели дека на состанокот на министрите за надворешни работи во Луксембург имало жестока дебата и тоа најмногу поради Париз.

Тој понатаму ги разгледува аргументите на Париз, поради кои не сака да им даде датум за преговори на двете земји. Иако, според „Франс Интер“, тие аргументи се исправни и одржливи, сепак со нив се крши ветувањето дадено од Европа и непочитувањето на дадениот збор. Фур сликовито објаснува дека тоа е како „на една екипа која била прва во Втората лига, да и се каже дека не може да влези во Првата“.

„Франс Интер“ потсетува дека Северна Македонија го промени и името на државата за да добие почеток на преговорите, што и го гарантираше шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. – Но, бидејќи Франција блокира, се е блокирано, оценува „Франс Интер“, предупредувајќи дека со ваквата позиција на Париз, Балканот се остава на другите партнери како Кина, Русија или Турција.

– Значи преземајќи ризик да го разочара и стави во очај Балканот, со оглед на историјата на регионот во срцето на Европа, тоа е сомнителен влог (на претседателот Макрон), завршува  коментаторот на францускиот јавен радио сервис.