Во Берово ќе се гради првиот комплекс за здравствен и рекреативен туризам во регионот

Во Берово ќе се гради првиот комплекс за здравствен и рекреативен туризам во регионот. Како што истакна Мишо Догазански од Одделението за урбанизам во Општина Берово, во тек е постапката за добивање одобрение за градба на комплексот.

– Според проектот, комплексот ќе се протега на 5,5 хектари, а ќе се гради по германски терк и архитектура. Локацијата е покрај регионалниот пат Берово-Струмица во непосредна близина на отклонот за Русиново. Инвеститор е фирмата „Боров еликсир“, зад која стои локален жител кој живее во Скопје, а коинвеститорот е од Германија.Овде се предвидени многу содржини за рехабилитација на лицата, има базен и сл, истакна Догазански.

Тој додаде дека интерес за инвестиции во туризмот има, а годишно, Општината издава по десетина дозволи за градба и за индивидуални викенд куќи во населбата Беровско Езеро.

– Интерес за градба има. Има изградено околу 80 викендици кои се на Беровско Езеро, пред се на приватно земјиште, а некои од нив се пријавени за сместување гости. Најави за доградба има. Хотелот „Вип“, во моментов е во фаза на градба овде се доградува капацитет за околу 60-ина легла со што ќе го зголеми капацитетот на хотелот до 150 легла. Исто така и за хотелскиот комплекс „Аурора“ во процедура е изработка на планска документација за доградба на уште еден капацитет со што ќе се достигне капацитет од 200 легла, рече Догазански.

Најголемиот адут за развој на туризмот и понатаму останува населбата Беровско Езеро.

– Туристичката населба Беровско Езеро е предвидена на 80 хектари површина и околу 3000 индивидуални викенд куќи и површина од 25 хектари за хотелски комплекси. Претежно земјиштето е приватно, а единствено државно земјиште е на Детското одморалиште и бунгаловите кои за жал не работат, потенцраше Догазански.