Заев – Туск: Северна Македонија ги исполни сите услови за преговори

Лидерите на земјите членки на Европската Унија на утрешното заседание ќе прават напори да дојдат до консензуално решение поврзано со почетокот на преговорите за Северна Македонија, е заедничкото очекување на премиерот Зоран Заев и претседателот на Европскиот совет Доналд Туск.

На  средбата на Заев и Туск, што се одржа вечерва во Брисел, беше заклучено дека Република Северна Македонија и граѓаните ги исполниле сите услови за донесување одлука за почеток на преговори правејќи храбри чекори и сериозни реформи.

Од владината прес-служба соопштија дека на состанокот, на кој присуствуваа и заменик-претседателот на Владата, Бујар Османи и министерот за надворешни работи, Никола Димитров, се разговараше за актуелните очекувања поврзани со утрешната средба на Европскиот совет.