Македонско друштво „Илинден”-Тирана преку соопштение најостро го осудува „недемократското и крајно навредливо однесување на бугарските политичари во однос на македонскиот народ и македонскиот јазик”.
– Со своите барања бугарската држава покажува дека воопшто не го заслужува местото кое го доби во европското семејство, на кое му нанесува непотребен срам. Однесувањето на Бугарија во однос на Македонците во Пиринска Македонија, исто така, е доказ за шовинистичкото однесување на бугарската политика кон оние кои не се чувствуваат Бугари во бугарската држава, стои во соопштението.
Во него се наведува дека македонското друштво „Илинден”-Тирана во исто време ги осудува неприфатливите уцени на Софија кон Албанија од која бара права за Македонците како Бугари.
-Категорично тврдиме, а тоа се непобитни историски, културолошки и јазични факти дека во Албанија не живееле, ниту живеат Бугари. Македонците во Албанија не се Бугари! Македонците во Албанија не може да бидат колатерална штета заради бугарските уцени и албанските амбиции за членство во Европската унија, заклучува МД „Илинден” со седиште во Тирана, потпишано од претседателот Никола Ѓурѓај.