Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија собраниската Комисија за одбрана и безбедност поради тоа што СДСМ и мнозинството амандмански интервенираше во веќе усогласениот Закон за следење на комуникациите, кој е двотретински, рече денеска на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев и член на оваа собраниска Комисија.
– Овој Закон заеднички го усогласивме и предложивме во Собранието. Помина прво читање, едногласно беше усвоен од Комисијата за одбрана, но со усвојувањето на амандманите од Законодавно-правната комисија, Законот во целост ја менува својата суштина. Сметаме дека СДСМ нема капацитет да се усогласува со опозициајта за двотретински закони, не си држи до зборот и праќа лоша порака, дека во иднина било какви преговори можат да бидат амандмански интервенирани во Собранието. Едноставно се нема слух за ставовите и решенијата што доаѓаат од опозицијата, рече Димитриев.
Законот, како што посочи, беше решение за сите наталожени проблеми кои претходниот период надвиснуваа над работењето на Комисијата за контрола на службите за безбедност и над Граѓанскиот совет за надзор.
Од ВМРО-ДПМНЕ потсетуваат дека јавноста беше сведок при носењето на Законот за Агенцијата за национална безбедност кој беше усогласен со опозицијата, но, како што велат, доживеа доста неусогласени амандмани, сега се случува истата лукративност со измените на Законот за следење на комуникациите.
Пратеникот од СДСМ Хари Локвенец денеска на прес-конференција рече дека амандманите на Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за следење на комуникациите, кои беа усвоени на Законодавно-правната комисија се во насока на задржување на иницијалната определба – контрола во Оперативно-техничката агенција да биде на две нивоа, да ја прави и Граѓанскиот совет и Комисијата за следење на комуникации чиј претседател е Емил Димитриев.
– Разликата е во ингеренциите на Граѓанскиот совет и на самата Комисија што се пропишани во иницијалниот Закон за следење комуникации. Граѓанскиот совет може да прави само квантитативна споредба на анонимни наредби за следење на комуникациите од релевантни овластени институции, како што е Обвинителството, Врховниот суд. За разлика од нив, Комисијата предводена од Димитриев, покрај истото, може да прави и контрола врз логовите во компјутерскиот систем во Оперативно-техничката агенција, рече Локвенец, додавајќи дека станува збор за измена на законот кој се уште не е почнат да функционира.
Се она што правиме ние, како што рече, е поврзано со нашата интенција Комисијата што ја предводи Димитриев, да се обезбедат техничките експерти кои суштински ќе помогнат во работата на Комисијата и ќе доаѓаат до релевантни заклучоци. Граѓанскиот совет, покрај тоа што се избрани членовите, и суштински да може да почне да функционира и да носи заклучоци.