Неизвесна до самиот крај е одлуката за почеток на преговори за членство на Северна Македонија во Европската Унија, откако Франција минатата недела поднесе предлог за нова методологија во пристапните преговори за членство во ЕУ што ќе се разгледува на министерскиот состанок во Луксембург, со што би можело повторно да се одложи одлуката за отворање преговори за Северна Македонија.
По синоќешниот амбасадорски состанок во Луксембург, нема напредок во позициите на земјите-членки на ЕУ за отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија. Со тоа одлуката се префрлува за денеска на Советот за општи работи на ниво на шефови на дипломатии што се одржува во Луксембург.
Сепак, и покрај неизвесните сценарија, државниот врв изразува оптимизам за јасна одлука за почеток на преговори, оти Унијата не смее да го казни најдобриот пример на Балканот, со аргументи дека земјава 14 и пол години е земја-кандидат за членство, има и голем напредок во реформите признаен и од самите земји-членки.
Премиерот Зоран Заев, коментирајќи го амбиентот во пресрет на самитот на Советот на Европа синоќа изјави дека владите на Германија и на Франција ќе имаат заеднички состанок, најверојатно во среда.
– Останувам силно убеден дека ќе добиемe датум за преговори, нагласи Заев. Очекуваме најдоцна до крајот на неделава да добиеме позитивна одлука за преговори со ЕУ, конечно по 14,5 години чекајќи одлука за почеток на пристапните преговори. Останувам силно убеден дека ние ќе добиеме датум, односно одлука за почеток на преговорите. И оние аспирации на Франција за вградување нова методологија со која ќе се даде фер шанса на сите земји што преговараат или ќе преговараат како што сме ние, да имаат можности и ако имаат добри перформанси да одат напред, а ако некои од перформансите ги уназадуваат, тогаш да се вратат назад. Нема земја што во последниве 20 години што заслужила повеќе од Република Северна Македонија да ја добие оваа одлука за почеток на преговорите, изјави Заев синоќа во Битола.
Оцени дека земјава ги има сите аргументи да добие позитивна одлука од Европскиот совет.
– Не сакам ни да размислувам дали ќе добиеме датум. Петнаесет години чекавме, донесовме крупни одлуки, реформи, договорите се 100 отсто извршени, навистина сме пример за целиот регион. ЕУ не смее да си дозволи да го казни најдобриот на европскиот континент затоа што тоа е важно за ЕУ, за регионот, за следно мотивирање на лидерите кои треба да наоѓат решенија и да ги реформираат своите општества, оцени Заев.
Коментирајќи ја средбата на германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, Заев рече дека верува оти ќе има заеднички заклучок и оти ќе преовлада одговорноста од страна на Европската Унија пред Европскиот совет да ја донесе долгоочекуваната одлука за почеток на преговори.
И вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи очекува јасна одлука за отпочнување на преговори со Европската Унија, затоа што, како што вели, ова е единствениот правилен епилог на овој процес кој не се засновал на политички премостувања. Очекувањата, како што истакна вицепремиерот се големи и тоа е природно, бидејќи ова не е процес кој го започнавме вчера, туку е процес на кој работиме последниве 19 години.
Османи денеска патува за Луксембург и Брисел на последни консултации и разговори со претставници на Европската Унија и земјите – членки на Унијата, а во очи Министерскиот состанок за општи работи (ГАК), каде на дневен ред ќе се најде одлуката за почеток на преговорите со Република Северна Македонија.
Министерот за надворешни работи Никола Димитров синоќа се обрати пред комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент каде побара од ЕУ да го исполни ветувањето за отворање на преговорите за членство дадено во јуни 2018 година.
Порача дека е важен и кредибилитетот на самата ЕУ во однос на Северна Македонија, која четиринаесет години е земја кандидат за членство, со десет последователни препораки за отпочнување на преговорите со ЕУ.
Димитров истакна дека доколку оваа недела нема позитивна одлука за старт на пристапните преговори со Унијата, „нема да биде лесно“ да се продолжи со истата политичка енергија во земјата, но и дека тоа ќе значи голема разочараност за самите граѓани.
Тој изрази поддршка и за барањата на Франција за промена на методологијата за преговарчкит процес и дека нема што да се изгуби ако пристапниот процес биде предмет на поголем надзор.
Министерот потсети на важноста на сигналот за старт на преговори за целиот регион и кредибилитетот на Унијата во истиот.
Надеж дека Европскиот совет ќе даде зелено светло за почеток на пристапни преговори со унијата, изрази и претседателот Стево Пендаровски во изјавата за грчкиот весник „Етнос“, потенцирајќи дека ваквата одлука би била достојна и признание за напорите што ги направи земјата.
– Искрено се надевам и очекувам дека ќе има позитивна одлука од Европскиот совет за да може Северна Македонија да ги започне претпристапните разговори, за во следниот период да стане членка на ЕУ, вели Пендаровски.
Претседателот оценува дека тоа ќе биде одлука што ја сметаме за достојна, но е и признание за сите напори што ги направи земјата во последните години, како во спроведување на внатрешните реформи, така и со решавањето на долгогодишното прашање за името со Грција, стигнувајќи до историска одлука што го отвори патот за заедничка европска иднина и на двете земји.