Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска оствари средба со Здружението на пензионери – Битола, кадешто разговараа за мерката за укинувањето на квотите за лекови на рецепт, но и за останатите мерки за унапредување на јавното здравство во нашата држава.
„Овозможивме достапни лекови во секое време. На Вас сега ви е олеснето многу, за да не стравувате дека некој друг ќе ви го земе лекот, да бидете спокојни. Терапијата имате текот на целиот месец, дали тоа е во почетокот, на средина или кон крајот на месецот“, им објасни министерот Филипче на пензионерите од Битола.
Тие ја поздравија мерката на Министерството за здравство за укинување на квотите за лекови на рецепт и дискутираа за активностите кои се преземаат во градот Битола за унапредување на здравствениот систем.
„Ги подобруваме условите во здравствените установи. Во Здравствениот Дом во Битола пред еден месец ја пуштивме во употреба комплетно реновираната Служба за итна медицинска помош. Во завршна фаза е проектот за реконтрукција на кровот, како и проектот за изградба на „Натстрешница“ за заштита на возилата на ИМП. Зајакнати се капациентите во здравствените установи. Во Клиничката болница реализирани се 134 вработувања, во Здравствениот дом 44 вработувања“, потенцираше министерот Филипче.
Министерот Филипче ги информираше пензионерите дека се подобруваат условите и во Клиничката болница. Реновирани се болничките соби и амбулантскиот простор во Служната за дерматовенерологија и во тек е темелна реконструкција на санитарниот чвор, бањата и дневната болница во Службата за педијатрија.