Анѓушев: Законот за енергетика револуционерен исчекор во државните енергетски политики

 Новиот Закон за енергетика направи револуционерен исчекор во енергетските политики во државата и со него се стимулираат обновливите извори на енергија, изјави вицепремиерот за економски прашања во македонската Влада, Кочо Анѓушев.

За време на денешната посета на РЕК Битола, вицепремиерот Анѓушев нагласи дека Владата има јасна посветеност кон обновливите извори на енергија и најави дека наскоро ќе биде потпишан договорот за првата фотоволтаична електрана што ќе биде лоцирана во кичевскиот рудник за јаглен Осломеј.

– Сакам да најавам дека оваа недела ќе биде потпишан договор за првата фотоволтаична електрана која ќе биде на местото на рудникот за јеглен во Осломеј и тоа ќе биде првата и најголема успешна енергетска транзиција не само во нашата држава, туку и во целиот регион. Според плановите на РЕК Битола и кај нив ќе бидат проектирани фотоволтаични електрани, а во државата со владина поддршка има и други проекти со кои се создаваат услови за зголемување на обновливите извори на енергија. Тоа значи дека ние имаме јасна посветеност кон обновливите извори на енергија, притоа не запоставувајќи го работењето на РЕК Битола и одржувајќи одржлив развој за наредните години низ инвестиции во опрема во функција на производството и заштитата на животната средина, истанкна вицепремиерот Анѓушев.

На прес-конференција во РЕК Битола, вицепремиерот за економски прашања Анѓушев посочи на успешното работење на комбинатот како и на АД ЕСМ.

-АД ЕСМ работаат одлично, со акумулирани над 43 милиони евра профит согласно завршните сметки од последните 2-3 години и скоро двојно повеќе средства на своите ликвидни сметки. Дел од овие средства на АД ЕСМ ќе бидат искористени да се помогне за чист воздух во најзагрозените градови како што се Битола, Скопје, Тетово и Кичево, ќе се субвенционира набавката на инвертори за да не се користат печки на фосилни горива или греење на дрва, а доколку се видат значителни ефекти од оваа мерка, тогаш ќе се примени и поширока акција, законски детерминирана за да се забрани користење на дрва и фосилни горива, со што на граѓаните ќе им се овозможи алтернатива и соодветна помош, рече Анѓушев.

Плановите за чист воздух во Битола со владина поддршка ги истакна и заменик министерот во Министерството за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули и најави промена на начинот на загревање во училишта и градинки во Битола.

-Градот Битола е дел од планот за чист воздух и затоа ќе се изврши замена на затоплувањето во две основни училишта и една детска градинка во овој град. Очекуваме по јавниот повик на АД ЕСМ домаќинствата да ја искористат мерката за замена на греењето со инвертор клими кои припаѓаат на групата обновливи извори на енегија. Аерозагадувањето се решава само ако се справиме со изворите на загадување, посочи Макрадули.

Според генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски вклучувањето во големата еколошка мерка за користење на инвертори ќе биде придружено и со активно вклучување во јавна кампања за користење на оваа еко-мерка.

-Во функција на еколошките мерки и поврзана со РЕК Битола се и плановите за набавка на еколошки автобуси кои ќе ги користат вработените, но и за превоз на ученици во слободни термини. Во овој период ги усогласуваме тендерските постапки и за уште еден еколошки проект, односно топлификација на Битола, тендер кој во 2015 и 2016 година почна како неуспешен, но ние сметаме дека може да се комплетира и заедно со надлежното министерство и пелагониските општини заеднички да се придонесува во намалување на трошоците за загревање, посочи Ковачевски.

Јавна благодарност за владините планови и проекти за чист воздух на отворенара средба во РЕК Битола искажа градоначалничката Наташа Петровска.